Достапни линкови

Пречистителната станица во Битола ќе ја гради идната локална власт


Реката Драгор во Битола
Реката Драгор во Битола

Битолскиот градоначалник Владимир Талески, чиј мандат истекува за неколку месеци, најави дека тендерот за колекторски систем и пречистителна станица ќе се распишат кон крајот на оваа година.

Реката Драгор која минува низ Битола е сосема мртва река, без никаков жив свет, се вели во Локалниот еколошки акционен план за животната средина кој го донесе Советот на општина Битола. Загаденоста на реката се должи на влевањето на отпадната канализациона и индустриска вода од градот во Драгор, без никаков претходен третман на прочистување. Како последица на оваа загаденост на реката, на влезот во градот квалитетот на водата е од втора класа, а на излезот од Битола достигнува до четврта и петта класа, што важи за најсилно загадена вода. Дури два пати е поголема количината на канализациона вода во Драгор од количината на чиста вода во реката.

Како мерки за заштита на реката од понатамошно загадување се посочува изградба на колекторски систем и пречистителна станица кои ќе го решат проблемот со неконтролираното испуштање отпадни води во водотеците и загадување на животната средина.

Битолскиот градоначалник Владимир Талески, чиј мандат истекува за неколку месеци, најави дека овој крупен проект ќе биде изработен и ќе се распишат тендери за изведувачи кон крајот на оваа година.

„Штом се завршат постапките кон крајот на 2017 или почетокот на 2018 година, очекуваме директно започнување на изградба на колекторскиот систем и пречистителната станица што ќе значи прифаќање на отпадните води од најголемиот дел од населението во општината. Сето тоа ќе се донесе до најниската точка меѓу Логоварди и Долно Оризари, место каде ќе се изгради пречистителната станица и ќе се реши и овој проблем“, рече Талески.

Во однос на тоа зошто досега не се изградил системот, Талески вели дека се работи за сложен проект, а и конфигурацијата на теренот е незгодна.

„Иако одзеде многу време, не значи дека нашите вработени и останатите не вложија максимално напори сето ова да се заврши. Општина Битола има многу незгодна конфигурација, зборувам географски, па беше многу тешко да се направи, проект за да ги собере максимално водите од целата површина. Во првата фаза беа шест, а сега се осум колектори кои ќе ја собираат водата од цела површина на општина Битола и ќе ја носат во пречистителната станица“, вели Талески.

Според ова, доколку тој не се кандидира за четврт мандат, изградбата на колекторскиот систем и пречистителната станица ќе бидат обврска на идниот градоначалник и новата локална власт кои ќе се изберат годинава. Но, дали тие ќе бидат обврзани да го реализираат ова во роковите кои ги посочи Талески?

„Јас сега ќе предложам предлог програма, без разлика кога ќе бидат локалните избори и кои ќе бидат кандидатите. Она искуство што го имаме како локална самоуправа, мислам дека е коректно и фер да го пренесеме на хартија и да кажеме во оваа општина следни приоритети кои треба да се реализираат се тие и тие. Мислам дека би било добро да се започнат веќе започнатите проекти зашто тие се во интерес на сите граѓани“, вели тој.

Колекторскиот систем и пречистителната станица ќе чинат 25 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG