Достапни линкови

Во пелагониските села се пие загадена вода


Од 35 села во битолско зeмени биле 156 мостри од вода, а резултатите покажале дека 87 проценти или 136 од примероците биле бактериолошки загадени, а 11 хемиски

Педесетина пелагониски села од општините Битола, Новаци и Могила, кои не се приклучени кон градскиот водовод, пијат вода со ризичен квалитет. Ова го покажауваат извештаите на Центарот за јавно здравје од Битола за направените анализи врз мостри со вода земени од селските водоводи.

Во педесетината села живеат над 14 илјади жители кои со вода се снабдуваат од локални водоводи, кои пак, според извештаите, се запуштени, некои до крајни граници. Од 35 села во битолско зeмени биле 156 мостри, а резултатите покажале дека 87 проценти или 136 од примероците биле бактериолошки загадени, а 11 хемиски.

Жителите од селата Канино и Велушина со поплаки:

„Страшно е, бактерии има многу. При секое доаѓање на надлежните служби кои го мерат квалитетот наоѓаат бактерии, повеќе отколку што е дозволено. Или купуваме вода од продавница или полниме од изворот со таканаречена средбрена вода. Оваа од локалниот водовод ја користиме само за миење“, вели Спиро Митевски.

„Водата е загадена. Годишно добиваме најмалку еднаш цревни вируси. Но, купечката вода е скапа и не можеме секој ден да ја купуваме“, рече Екрем Јусуфи.

Од Центарот за јавно здравје препорачуваат да се постават хлоринаторски станици, да се врши перманентна дезинфекција и дневна контрола на хлорот во водата. Да се постават субјекти кои ќе стопанисуваат со селските вододводи. Но, крајното решение го гледаат во сукцесивно приклучување на селата кон градскиот водовод.

Директорт од јавното претпријатие „Водовод“ од Битола, Горан Стефановски објаснува дека водоводите во некои села можат да се санираат со помал зафат, но некаде состојбата е многу лоша и неопходни се поголеми и поскапи интервенции.

„Од јуни оваа година презедовме и еден локален водовод во Лопатица и сега изготуваме и сметки за тоа село. Во август ќе потпишиме и догвовор со Лисолај, а во тек е и работа за довод до село Бурусник за преземање на локалниот водовод“, вели Стефановски.

Тој додава дека има села каде населението не се сложува да плаќа за вода, па не можат да им ги одржуваат водоводите. Потребно е половина од населението да се сложи „Водовод“ да им ги одржува селските водоводи. Во Општината во тек е проектот преку кој уште пред две години битолскиот градоначалник Владимир Талески најви дека ќе се поврзат за градскиот вододвод 20 села. Проектот е во вредност 1,8 милиони евра, а Талески тогаш рече дека ќе се реализира за две до три години. Денес не е мал бројот на селата кои се уште чекаат да им се реши проблемот со водоснабдувањето.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG