Достапни линкови

Дали протестите ќе се одразат врз преговорите за името?


Протест против користење на зборот Македонија во името на нашата земја во Солун, 21 јануари 2018
Протест против користење на зборот Македонија во името на нашата земја во Солун, 21 јануари 2018

Протестите преку кои се прави притисок врз владите во Скопје и Атина, нема да ги обесхрабрат двете страни да стават крај на дваесет и пет годишниот спор за името, велат домашни експерти.

Иако целта на секој протест е да се направи притисок врз одредена политика или состојба, домашните аналитичари не сметаат дека вчерашните протести поврзани со решавањето на спорот за името со Грција, ќе ги обесхрабрат владите во Скопје и Атина да го решат долгогодишниот проблем за името.

Професор Никола Дујовски од Факултетот за безбедност, вели дека постои општ консензус дека мора да се направат чекори кон решавање на спорот за името.

„Прашањето е политичко и политички ќе се бара излез од оваа ситуација, и мислам дека и премиерите во двете држави водат конструктивни чекори, секој во својата држава и својот домен, онака како што треба или како што е во дипломатијата познато дека може да се дојде до конечно решение. Затоа не очекувам дека било што ќе се случи во обратна насока од тоа што е предвидено, затоа што станува збор за едно прашање што е наднационално и е повисоко од интересите на десетици илјади Грци или неколкумина Македонци“, изјави Дујовски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи, не очекува промена на курсот во преговарите, иако, како што вели, протестите се обид да се изврши притисок врз двете влади.

Ако тие добијат во интензитет и масовност, тоа ќе биде дополнителен товар врз двете страни, кои и онака се оптоварени со решавањето на еден 25 годишен спор. Ако тоа се „забибери“ и со масовни протести, сигурно дека целиот процес ќе се отежни. Но, земајќи го предвид интензитетот на протестите, иако во Солун имаше помасовни протести, во однос на големината на земјата, тие сепак не беа ниту доволно големи, ни доволно радикални, за да генерираат некоја промена на курсот на грчката страна“, изјави Мислиу.

И Дујовски не очекува последици во Грција, зошто како што вели ставот на грчкиот премиер е јасен и е во насока на изнаоѓање компромисно решение.

„Ако го следиме во изминативе десетина дена, ставот на премиерот Ципрас е многу јасен. Тој подготвува терен за евентуалното решение. Разговараше со претставници на црквата, со дел од коалиционите партнери, мислам дека може да отвори дискусија и со опозициските партии и да се најде решение“, уверува Дујовски.

Што велат учесниците на протестот во Солун?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:17 0:00

Во меѓувреме од Владата соопштија дека веќе се работи на анализата и консултациите во однос на рамката доставена од медијаторот Метју Нимиц.

"Во наредниов период ќе вложиме напори за што е можно по инклузивен процес со вклученост на сите релевантни политички фактори во земјава, а се во насока на градење заеднички приод, став и стратегија“, велат од Владата.

Вчерашните протести во Солун беа организирани од повеќе националистички групи, како и од свештеници на грчката црква кои имаат радикални ставови против Република Македонија. Оние кои протестираа сметаат дека терминот „Македонија“ не смее да се содржи во решението на спорот за името. Паралелно, се одржуваше и контрапротест, но со многу помал интензитет и излезеност, поддржан од левичарите, чив став е дека не е дозволиво во денешно време да се повикува на крв и омраза поради имиња и политички спорови.

Вчера се протестираше и во Скопје, но со многу помалку луѓе. Неколку стотина демонстранти се собраа на протест против законот за јазиците, но и за да кажат „не“ на можноста за референдум за промена на името. На крајот од протестот, го запалија знамето на Европската унија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG