Достапни линкови

Нимиц со нови идеи за името, но не ги соопшти


Посредникот во спорот за името Метју Нимиц и преговарачите од Македонија и од Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис во Њујорк.
Посредникот во спорот за името Метју Нимиц и преговарачите од Македонија и од Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис во Њујорк.

Mожно е прашањето за името да се реши во наредните шест месеци, рече медијаторот Метју Нимиц. Но македонскиот преговарач Васко Наумовски вели дека предлозите се далеку од достоинствено решение и дека нема голем простор за оптимизам. Нимиц вели дека ова е важно регионално прашање, кое е од особена важност за безбедноста на регионот. Медијаторот најави дека во следните недели ќе ги посети Скопје и Атина.

Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц по денешната средба со преговарачите на Македонија и на Грција во Њујорк изјави дека им дал предлози и сет на идеи. Нимиц не сакаше да ја коментира нивната содржина, но посочи дека се работи за нови идеи, кои се комбинација од претходните предлози. Според него, можно е прашањето да се реши во наредните шест месеци.

„Јас дадов предлози и сет идеи и нема да коментирам што има во нив. Им ги дадов на двете страни и тие треба да ги однесат назад кај нивните влади кои треба да ги земат во предвид, да ги проучат и да видат дали ќе помогнат во донесување заклучок“, рече Нимиц.

Тој порача и дека секогаш бил објективен во предлозите. Според него, сетот на идеи бил донесен врз основа на разговорите со двете страни. Тој изрази надеж дека неговите сугестии ќе ги насочат владите да размислуваат креативно за можното решениe. Нимиц изрази надеж и дека лидерите на опозициски партии во двете земји ќе заземат конструктивен став бидејќи, според него, тие се важни учесници во политичкиот живот. Тој порача дека се работи за важно регионално прашање, кое е од особена важност за безбедноста на регионот.

„Јас имам голема надеж дека овој процес се движи во позитивна насока. Ова се тешки прашања за кои разговараме 25 години. Знаеме дека има многу силни позиции и силни чувства во двете земји, но исто така има и волја кај двете земји да постигнат компромис по ова прашање“, порача Нимиц.

На прашањето за какви идеи конкретно се работи тој го повтори неговиот став.

„Моите идеи се нови. Но, кога зборувате за спор стар 25 години малку е веројатно дека ќе излезете со нешто комплетно ново и многу луѓе размислувале за ова прашање многу години и тешко е е да се смисли нешто комплетно ново. Но, мислам дека ситуацијата во регионот е поинаква, учесниците се поинакви, така што на ова гледам како на добар сет од идеи, компромис и пакет со кој двете страни треба да се чувствуваат удобно и кој ќе води до достоинствено и задоволувачко решение. Но тоа е само мое мислење“, додаде Нимиц.

Нимиц посочи дека преговарачите од двете земји го поканиле на разговори за идеите и најави дека во наредните неколку недели ќе ги посети Скопје и Атина за да види што луѓето мислат за процесот. Според него, лидерството и во Атина и во Скопје навистина сака решение, бидејќи верува дека тоа е од национален интерес на двете земји. Тој порача и дека лидерите мора да направат тешки избори, но и дека луѓето од регионот се подготвени да се реши прашањето.

Наумовски - предлозите се далеку од достоинствено решение

Македонскиот претставник во разговорите за името, амбасадорот Васко Наумовски изјави дека предлозите изнесени од Нимиц се далеку од достоинствено решение.

„Нашата држава има име, тоа е Република Македонија, името што е во основата на нашиот идентитет. Исто така, денес во 2018 година никој не може да го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Од страна на медијаторот денеска беа презентирани некои идеи за коишто сметам дека излегуваат од оваа рамка и дека се далеку од едно достоинствено решение, но, сепак, овие предлози ќе бидат презентирани пред државно-политичкиот врв и истиот ќе може да заземе став по ова прашање“, рече Наумовски во изјава за ТВ Сител.

Наумовски посочи и дека врз основа на презентираното нема простор за голем оптимизам за решавање на прашањето.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG