Во Република Словенија живеат Македонски иселеници, кои во оваа република се доселени особено поради економски причини по распадот на СФРЈ.
Македонското министерство за образование и наука за нивните деца пред 25 години започна со организирање на дополнителна настава на мајчин македонски јазик, која моментално се изведува во седум училишта. Повеќе од две декади единствен наставник кој е испратен од Министерството за образование и наука е дебарчанецот Зекирија Шаиновски. Тој вели дека е задоволство да се овозможи децата на иселениците да го негуваат својот мајчин македонски јазик и да им го пренесува културното наследство на Македонија.
„Дополнителна настава по Македонски мајчин јазик за децата на иселениците од Македонија во Словенија се изведува 25 години. Наставата оваа учебна година се изведува во седум училишта од кои во две во „Љубљана, додека другите пет се во другите градови на Словенија. Треба да се истакне одличната соработка и поддршка што ја имаме со училиштата кои обезбедуваат простор за наставата, но и други бенефити и субвенции“, вели Шаиновски.
Според наставникот Шаиновски поддршката на словенечките власти за реализирање на дополнителната настава на македонски јазик и културно наследство на Македонија за учениците на македонските иселеници е редовна и коректна, а наставата е ефективна.
„Македонија и Словенија имаат потпишано Протокол за соработка на министерствата за образование и таа соработка се реализра на мошне високо ниво“, вели наставникот.
РСЕ : Во рамките на оваа активност, Македонските институции ја организираат и познатата Летна школа за децата учениците на иселениците од Македонија во Словенија што се организира во Охрид. Која е целта на оваа школа?
„Летната школа ја организира Македонското министерство за надворешни работи. Целта е децата –ученици на иселениците да се дружат, да ја запознаат Македонија, убавините но и културните традиции. Исто така на оваа активност која се организира во летниот период, има и деца од другите Балкански држави“, вели тој.
Наставникот Зекирија Шаиновски вели дека во овој момент дополнителна настава по македонски јазик следат над 60 ученици, но притоа додава дека од година во година има зголемен интерес на родителите нивните деца да посетуваат дополнителна настава на нивниот мајчин македонски јазик.