Вести
Влада - Заев и Мицкоски согласни дека опозицијата треба да учествува во реформите
Опозицијата треба да учествува во реформските процеси, а патот на Македонија е во ЕУ и во НАТО и за тоа е потребен ангажман од сите политички субјекти, согласни се премиерот Зоран Заев и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, соопштуваат од Владата.
Мицкоски попладнево за првпат како лидер на партија имаше средба со премиерот во Владата. Во владиното соопштение се наведува дека средбата се реализирала низ конструктивен дијалог, иако за некои од темите биле изразени различни ставови.
Мицкоски по средбата рече дека разговарале за повеќе актулни теми, во кои ги презентирале своите аргументи и ставови, кои, како што вели, нормално се разликуваат. Опозицијата вечерва ќе одлучи дали се враќа во Собранието.
види ги сите денешни вести
Вечер во Нови Сад протест поради трагедијата на железничката станица
Состојбата на тројцата повредени по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад сè уште е сериозна. Поради трагедијата со загинувањето на 14 лица во Нови Сад вечер е најавен масовен протест.
Директорот на Клиничкиот центар Војводина, Весна Туркулов изјави дека лекарите сè уште се борат за животот на повредените.
„Живи се, што е охрабрувачка вест и тоа е добро, но состојбата сè уште не е стабилизирана. Се прави дополнителна дијагностика, можни се некои дополнителни интервенции, но борбата за нивниот живот се уште трае“, изјави д-р Туркулов.
Таа додаде дека тим од психолози и психијатри е вклучен и работи со семејствата за да им помогне во најтешките моменти.
Како што е најавено, опозицијата во 18 часот организира протест во близина на железничката станица.
Во понеделникот вечерта, активисти на Движењето на слободни граѓани (ПСГ) закачија транспарент на Градското собрание на големо бело платно на кое со црвена боја беше испишано „Крвави ви се рацете“.
Во понеделникот непознати сторители искршија излози во просториите на два месни комитети на Српската напредна странка во Нови Сад, и офарабаа неколку простории со црвена боја со зборовите „Убијци“.
Министерот за градежништво Горан Весиќ поднесе оставка, иако порача дека „не е виновен“.
Опозицијата бара оставка и од премиерот на Србија, Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Во несреќата која се случи кога се урна настрешница на железничката станица, загинаа 14 лица, меѓу кои и еден државјанин на Северна Македонија.
Нов протест на грузиската опозиција пред Апелациониот суд
Грузиската опозиција најави нови демонстрации на 5 ноември во знак на протест против резултатите од парламентарните избори на 26 октомври на кои победи владејачката партија Грузиски сон. Опозицијата обвинува за широко распространето лажирање на гласови и нерегуларности на избирачките места.
Протестот е најавен за 15 часот по локално време пред Апелацискиот суд во Тбилиси и доаѓа откако илјадници демонстрираа во главниот град втора ноќ по ред на 4 ноември барајќи нови избори.
Апелациониот суд на Грузија треба да ги разгледа одлуките на локалните судови во градовите Тетрицкаро и Гори во врска со неправилностите за време на гласањето на 26 октомври.
Судот во Тетрицкаро ги поништи изборните резултати на 30 избирачки места поради нарушување на тајноста на гласањето, додека судот во Гори нареди пребројување на неважечките ливчиња од 15 избирачки места.
Во Тецикаро, судијата Владимир Кучуа пресуди во корист на жалбата поднесена од граѓанската група наречена Здружение на млади правници, одлучувајќи да го поништи резултатот на 30 избирачки места врз основа на доказите презентирани од групата.
Централната изборна комисија на Грузија ги оспори одлуките на двата суда, прогласувајќи ги за неосновани.
Партијата Грузиски сон, која важи за блиска до Русија, е на власт од 2012 година. Таа, според прелиминарните резултати, победи на изборите со речиси 54 отсто од гласовите.
Опозицијата и проевропската претседателка на земјата, Саломе Зурабишвили, одбија да ја признаат валидноста на резултатите, обвинувајќи за масовна измама и руско мешање.
На митингот на 4 ноември, лидерите на опозицијата повикаа на континуирани протести и граѓански отпор до поништување на изборните резултати и распишување нови избори.
Илјадниците учесници на митингот, во кој беше вклучена и шведската активистка за климата, Грета Тунберг, се собраа во близина на Домот на правдата и маршираа околу 5 километри веејќи грузиски и знамиња на Европската Унија низ главниот град на Грузија, пред да го завршат својот протест на плоштадот Марјанишвили во Тбилиси.
Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер рече дека Соединетите Држави јасно ставиле до знаење дека го поддржуваат народот на Грузија и нивните надежи за пристапување во Европската Унија.
Нови руски напади врз Киев и Харкив
Киев беше подложен на два брана напади со беспилотни летала рано на 5 ноември, објави градоначалникот на украинската престолнина Виталиј Кличко на каналот Телеграм. Тој додаде дека системи за воздушна одбрана на Киев работат на одбивање на вториот напад врз североисточниот кварт Оболонски и јужниот кварт Холосиевски кој исто така беше цел на руски беспилотни летала претходно истиот ден.
Кличко ги повика жителите да останат во засолништа.
„Во Харкив, вториот по големина град во Украина, две жени беа ранети од руско гранатирање рано на 5 ноември“, објави градоначалникот Ихор Терехов.
Во последните недели, Киев и Харкив беа изложени на руски напади на речиси секојдневна основа додека Украина се подготвува за третата зима во војна.
Воздухопловните сили на Украина одделно соопштија дека собориле 48 од 79 дронови лансирани од Русија во украинските региони.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите капацитети за противвоздушна одбрана уништиле шест украински беспилотни летала над регионот Брјанск.
Вработените во Боинг го прекинаа штрајкот
Штрајкот на десетици илјади вработени во Боинг завршува по седум недели, бидејќи работниците ја прифатија подобрената понуда од американскиот производител на авиони, вклучително и зголемување на платите за 38 отсто во текот на четири години, соопшти синдикатот на ИАМ, јави ДПА.
Членовите на синдикатот гласаа со 59 отсто „за прифаќање на предлогот и враќање на работа“, соопшти Синдикатот.
„Работниците можат да се вратат на работа веќе на 6 ноември 2024 година, за оние членови кои сакаат да се вратат што е можно побрзо“, наведува Синдикатот.
ИАМ, кој има околу 33 000 членови во Боинг, додаде дека работниците „мора да се вратат на работа“ до 12 ноември, додавајќи дека „штрајкот е завршен“.
Пред една недела, работниците со големо мнозинство гласаа против понудата за покачување на платите од 35 отсто во текот на четири години, а 94 отсто го отфрлија предлогот. Во средината на септември, тие веќе ја одбија првата понуда на Боинг, која вклучуваше зголемување на платите за 25 проценти, со мнозинство од речиси 95 отсто.
Новиот договор вклучува и еднократна исплата од 12 000 долари. Синдикатот веќе преговараше за задржување на исплатите на бонус, кои првично требаше да бидат укинати, како дел од втората понуда.
Вработените во Боинг прифатија неколку замрзнувања на платите во изминатата деценија и бараа значително зголемување. Боинг, со работна сила од околу 170.000 вработени, неодамна ги објави плановите за укинување на 10 посто од работните места.
Зеленски: Во Курскиот регион се распоредени 11000 севернокорејски војници
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 11 000 севернокорејски војници се распоредени во рускиот регион Курск за да ја поддржат руската армија во обид да ги потиснат украинските сили кои навлегоа во оваа погранична територија.
„Веќе има 11.000 од нив во регионот Курск. Гледаме зголемување на бројот на Севернокорејци, но не и зголемување на реакциите на нашите партнери“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање до сонародниците.
Зеленски, кој веќе неколку пати зборуваше за пристигнувањето на севернокорејските војници, бара од своите сојузници да и помогнат на Украина пред да пристигнат севернокорејските трупи распоредени во Русија на бојното поле.
Белата куќа минатиот четврток соопшти дека околу 8000 севернокорејски војници сега се во рускиот регион Курск, на самата граница со Украина и се подготвуваат да му помогнат на Кремљ во војната против Киев.
САД повикува на поголема хуманитарна помош за Газа
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повика на поголема помош за Појасот Газа со оглед на влошената хуманитарна ситуација на територијата повеќе од една година по војната.
Блинкен „разговарал за ужасните хуманитарни услови во Газа“ во телефонски разговор со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, се вели во изјавата на портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер.
„Секретарот ги разгледа дејствијата што Израел ги презел до денес и повика на понатамошни активности за значително зголемување и одржување на хуманитарната помош, вклучувајќи храна, лекови и други основни резерви, за цивилите низ цела Газа“, рече Милер.
Блинкен, исто така, ја истакна важноста од завршување на војната во Појасот Газа и враќање дома на сите заложници киднапирани од Израел, како и овозможување на палестинското население да ги обнови своите животи.
Конфликтот започна откако Хамас (организација која е прогласена за терористичка од САД и ЕУ) и другите екстремисти од Појасот Газа го нападнаа Израел, убивајќи 1200 луѓе и киднапирајќи до 250 на 7 октомври 2023 година. Израел потоа започна масовна одмазда, за која властите во Газа велат дека резултирала со повеќе од 43000 смртни случаи и над 100 000 повредени, според бројките на здравствените власти во Газа.
Блинкен разговараше и со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абдел-Ати за ситуацијата во Газа и поширокиот Блиски Исток.
„Секретарот истакна дека Хамас уште еднаш одби да ослободи дури и ограничен број заложници за да обезбеди прекин на огнот и помош за жителите на Газа, соопшти Милер.
Според израелскиот весник Тајмс оф Израел, Египет неодамна дал предлог според кој Хамас ќе ослободи четворица израелски заложници во замена за околу 100 палестински затвореници. За време на првичниот 48-часовен прекин на огнот, ќе се преговара за подолгорочен прекин на огнот.
Сеул: Северна Кореја лансираше неколку балистички ракети
Северна Кореја истрела повеќе балистички ракети со краток дострел кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, соопшти денеска јужнокорејската војска.
Северна Кореја ги лансираше ракетите околу 7:30 часот (понеделник 22:30 по Гринич) од западната провинција Северна Хвангхае, објавија јужнокорејските медиуми, цитирајќи го Генералштабот во Сеул.
Генералштабот првично не го прецизираше бројот на лансирани проектили.
Канцеларијата на јапонскиот премиер исто така испрати предупредување за „сомнително лансирање балистичка ракета“.
Лансирањето доаѓа помалку од една недела откако Пјонгјанг тестираше, како што тврди, нов тип на интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) со „ултрамоќни офанзивни средства“.
Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел. Таквите проектили можат да бидат опремени со нуклеарна боева глава.
Тензиите се зголемија на Корејскиот полуостров откако Пјонгјанг значително ги прошири ракетните тестови во изминатите две години, истовремено заострувајќи ја својата реторика против САД и Јужна Кореја.
Северна Кореја, исто така, ја зајакна својата воена соработка со Русија, при што САД проценуваат дека веќе има околу 12.000 севернокорејски војници во Русија.
ВМРО и СДСМ би оделе на предвремени избори, поделени ставови во албанскиот блок
Како СДСМ подготвени сме да одиме на какви било избори од денеска натаму. Вака одговори опозицискиот лидер Венко Филипче, денеска (4 ноември) од Собранието, по повикот за изборно соочување идната година, кој премиерот Христијан Мицкоски го упати од собраниската говорница на 31 октомври.
„Тоа што има таква најава на само пет месеци од формирањето на Владата е доказ дека на владата навистина не и оди“, рече Филипче кој вели дека е сигурен оти во секој следен чекор на избори ќе бидат посигурни и поуспешни.
Повикот на Мицкоски тој го гледа и како кокетирање со ДУИ и пред како порака до коалицијата Вреди и до ЗНАМ, кои очигледно, како што рече, веќе имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка.
За ова прашање се огласија и од опозицијата во албанскиот политички блок. Таму ставовите се поделени.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на социјалните мрежи објави дека и тие се подготвени граѓаните да го кажат својот збор и да кажат за кој пат се, по една ипол година од актуелната влада.
Од Вреди, пак, порачаа дека не е време за дополнителни трошоци.
„За државата и за граѓаните, кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа е само трошок за државата и губење време. Бидејќи секое прогласување на избори значи 6 месеци пред и по изборите запирање на сите постапки, сите јавни набавки, вработувања“, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.
Инаку, самиот Мицкоски на првите пратенички прашања за неговата Влада одржани на 31 октомври ја фрли ракавицата за предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните во октомври следната година. Тој ова го кажа откако лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, повика Владата да си поднесе оставка.
„Ако сте сигурни дека сакате да одиме на избори, да одиме, да се провериме. Еве, заедно со локалните да направиме и едни парламентарни, па да одиме. Ако сакате, јас немам проблем, еве сега да ја договориме работава“, рече премиерот во Собранието.
Последните парламентарни избори се одржаа на 8 мај, а по нив ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ја формираа новата Влада на Северна Македонија.
СДСМ и ДУИ, по седумгодишно владеење, заминаа во опозиција.
Министерот за градежништво на Србија најави оставка по несреќата во Нови Сад
Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ најави дека на 5 ноември официјално ќе поднесе оставка поради несреќата во Нови Сад.
Тој на вонредна прес-конференција рече дека не ја прифаќа вината за несреќата, туку дека поднесува оставка како „одговорен човек“.
„Не можам да ја прифатам вината за смртта на 14 лица бидејќи ниту јас ниту луѓето кои работат со мене немаме трошка одговорност за трагедијата што се случи“, рече Весиќ, додавајќи дека поднесува оставка „од морални причини поради несреќата бидејќи се случила во ресорот кој го води“.
Тој изјави дека како министер „не донел ниту еден акт што може да има влијание врз исходот на проектот“ за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад и го повика Обвинителството да утврди одговорност за смртта на 14 лица.
Весиќ рече дека на премиерот Милош Вучевиќ му понудил оставка истиот ден кога се случила несреќата, а својата намера му ја соопштил и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Изјави и дека „сите овие денови трпел навреди и напади од оние кои се обидуваат да ја злоупотребат секоја трагедија“.
Оставката на Весиќ доаѓа откако 14 лица загинаа, а три лица беа тешко повредени по уривањето на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември.
Од тој ден, дел од опозицијата, активисти и граѓани бараат одговорност од властите, а на протестот пред Министерството за градежништво и Владата на 3 ноември во Белград беше побарана итна оставка од Горан Весиќ.
Здружената новосадска опозиција побара оставки од српскиот премиер Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Засега не се познати причините за уривањето на бетонската настрешница на железничката станица.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад до вчера сослуша 40 лица, меѓу кои и министерот за градежништво, Горан Весиќ, директорот на Институтот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, одговорните во „Железници на Србија“ и „Железничка инфраструктура на Србија“ и одговорните за изведување на работите.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска (4 ноември) изјави дека е „сигурен“ дека надлежните државни органи ќе утврдат кој е одговорен за трагедијата.
Железничката станица во Нови Сад беше официјално отворена во јули 2024 година, по тригодишна реконструкција.
Надлежните тврдат дека бетонската настрешница пред главниот влез на зградата на станицата не била вклучена во реконструкцијата.
ДЗР: Поразителни состојби во македонските студентски домови
Северна Македонија во 2022 година потрошила приближно 22,6 милиони евра за сместување, исхрана и стипендирање во високото образование. Од тие пари, 50 отсто се исплатени за студентки оброк, 40 отсто за стипендии, 17 отсто за сместување и исхрана, а 3 отсто за останати расходи.
Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил дека мерките и политиките што ги презеле надлежните органи за студентскиот стандард се недоволно ефикасни за да се создадат соодветни услови за стипендирање, сместување и исхрана на студентите.
На презентација на Извештајот во Собранието, главниот државен ревизор, Максим Ацевски рече дека се констатирани „поразителни бројки и состојба“ која, рече, „не упатува на услови што би требало да бидат хумани за живеење на нашите студенти“.
Притоа, ниту студентските домови, ниту надлежното министерство, како што рече, немаат стратегија за утврдување пристап за постапување кон овој проблем.
„Сето ова укажува дека во суштина се одлеваат недоволно средства, но и во она што се одлева, има слабости во начинот на користење. Од 11,37 милиони евра кои се исплаќаат за студентски оброк или 50,2 отсто од вкупните расходи, се исплатуваат на начин кој не обезбедува целосно потврда дека средствата се исплатени навистина за оброк. Во 2022 година исплатата се вршела на трансакциските сметки на студентите кои тие средства можеле да ги користат за сосема друга намена, а не за намената што е утврдена. Преземени се мерки во 2023 и 2024 година, но сè уште не е исполнето она што е законски начин на исплата на средствата“, рече Ацевски на седница што денеска ја организираше собранискиот Клуб за младински прашања и политики.
За министерката за образование, Весна Јаневска, оправдана е констатацијата во врска со Законот за субвенциониран студентски оброк „дека законското решение не дава целосна гаранција дека средствата се користат исклучиво за прехрана на студентите“.
Таа соопшти дека субвенционираниот студентски оброк го чини МОН 800 милиони денари годишно.
„Со 800 милиони денари годишно, МОН може многу да направи за студентскиот стандард. Но, тоа е што е, законот нема да биде укинат и мора да се почитува“, рече министерката.
Државниот ревизор, Ацевски, посочи дека Извештајот укажува и на поразителни бројки за сместувачките капацитети, условите и перцепцијата на задоволство од студентите за што говорат нивните поплаки дека во дел од домовите нема топла вода или стабилен интернет.
„Од 12 оценки, имаме добиено две единици, осум двојки и само две тројки. Тоа е перцепцијата на нашите студенти во однос на квалитетот на сместување и квалитетот на храната во државните студентски домови“, истакна ревизорот.
Цената за сместување во државните студентски домови од 2008 година до сега е непроменета и изнесува 6.820 денари, од кои половината ги субвенционира државата, а другата половина ја плаќа студентот.
Според Ацевски, со 16 години непроменета цена се прави вештачки притисок со цел да не се испорача квалитетна услуга кон студентите односно кон граѓаните.
Во однос на цената за сместување за која во извештајот ДЗР препорачува да биде двојно зголемена и да изнесува 14.680, министерката Јаневска смета дека за тоа да се спроведе сега и одеднаш би било „голем шок и за студентите кои би требало да плаќаат 7.340 денари, но и за државата“.
„Но, ако поранешните министри етапно ја прилагодувале цената на реалните трошоци и инфлацијата, до ова немало да дојде. Сега домовите немаат пари да покријат основни трошоци за работење. Но, не е само цената во прашање, јавна тајна е дека во домовите многу долг период се работело многу недомаќински, а постојат индиции и дека биле искористувани на незаконски пат средствата на граѓаните, на државата. Познати се проблемите со храната, познати се и проблемите со сместувањето, нелегално издавање соби, купување храна по енормни цени, а студентите добиваат неквалитетен оброк“, истакна министерката.
Домовите немаат пари, рече таа, поради ниските цени кои ги наплаќаат. Ја користат одредбата од законот според која МОН може да им помогне со покривање на дел од режиските трошоци кои се дефинирани како непредвидени.
Проблемите очекува дека ќе се решаваат по донесување на нов Закон за студентски стандард што се планира во 2025 година.
Планот е во новото законско решение да се дефинира модел на финансирање на домовите, со кој ќе се обезбеди континуирано финансирање согласно реалните потреби на домовите, а притоа ова нема да предизвика преголем финансиски товар на студентите, посочи Јаневска.
По укажување на ДЗР, рече министерката, МОН веќе го воспоставува и регистарот на домови и активно работи на забрзување на постапката на реконструкција на домовите опфатени со Проектот за енергетска ефикасност.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете