Реконструкција на Офицерскиот дом во Битола, споменик на културата од прва категорија, кој подолго време е руиниран, ќе започне идната година. За првпат Општина Битола ќе издвои пари за негова ревитализација, откако во изминатиот период не беше издвоен ни денар. Во 2018 година планирано е да бидат издвоени 10 милиони денари, а до 2020 –та вкупно 70 милиони денари или 1,2 милиони евра. Со дополнителни средства реконструкцијата ќе ја помогне и Министерството за култура.
„Отворивме посебна ставка во буџетот и алоциравме 10 милиони денари што е доволно за работите околу самиот проект за реконструкција, санација и реставрација на објектот да почнат. Доколку работите течат со забрзано темпо, спремни сме понатаму со пренамени и со реконструкција на буџетот да ја помогнеме изградбата“, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
Во Основниот суд во Битола се води судски процес во кој единствен обвинет за моменталната состојба на Офицерскиот дом е екс градоначалникот Владимир Талески. Тој се товари за несовесно работење зашто не го заштитил објектот и балскиот лустер во него. Одбраната вели дека Општината го наследила објектот од министерствата во руинирана состојба.
„Ние имаме снимка од 2010 година како изгледал Офицерскиот дом, дека таму нема никаков инвентар, туку празни ходници. Тоа било првпат кога бил пренесен на Општината, а потоа пак бил вратен на Република Македонија, па пак даден на Општината“, вели адвокатот на Талески, Драги Пажиќ.
И поранешната претседателка на битолскиот Совет, Силвана Ангелевска, кадар на ВМРО-ДПМНЕ вели дела го наследиле руиниран.
„Општината го наследи тотално руиниран, без паркет, грејни тела. Покривот беше демолиран, немаше олуци. Општината вложуваше, го реновира покривот, го средуваше паркетот“, вели Ангелевска.
Екс директорот на битолскиот Завод за заштита на спомениците, Зоран Алтипармаков, сведок во судењето, за уништувањето на лустерот ги имаше обвинето битолчани.
„Кој го уништи тоа? Битолчани. Одговорноста можеби е заедничка, но не можеме да ставиме на секој објект човек со пушка да го брани. Комуналец не може да постави човек колку што можат битолчани да уништат“, вели Алтипармаков.
Но, има битолчани кои тврдат дека во изминатиот период се реагирало до Општината и други институции да се заштити Офицерскиот дом, а не биле преземени мерки.
„Стручниот тим на Завод и музеј изврши увид од во објектот при се констатирало дека јасно се гледало дека постои јасно одвојување на носечката конструкција на лусерот од таванот и можност за негово паѓање, но како од Општина Битола, така и од тогашните власти на Завод и музеј не било преземено ништо“, вели екс советникот Благојче Котевски.
„Потпишавме барања уште пред три-четири години, еден поголем список беше доставен до Општината со која побаравме наменска употреба на објектот, тој да биде за културни манифестации, но од сето тоа ништо“, вели хроничарот на градот, Александар Стерјовски.
Офицерскиот дом, архитектонски бисер од почетокот на 19 век, во независна Македонија беше прво во сопственост на Министерството за одбрана, па за култура, па пак за одбрана, префрлен во надлежност на Општина Битола, па назад во култура, за пред две години пак да ѝ се даде на Општина Битола. Веќе со години наназад пропаѓа.