Достапни линкови

Битолскиот Офицерски дом чека реконструкција


Офицерскиот дом во Битола.
Офицерскиот дом во Битола.

Една година Офицерскиот дом е во сопственост на Општина Битола, а дури сега локалната власт изработува проект за реконструкција на овој објект. Офицерскиот дом, кој е споменик на културата, е во руинирана состојба и се распаѓа.

Деновиве се наврши една година откако Владата и ја пренесе сопственоста врз Офицерскиот дом на Oпштина Битола. Уште лани таа и препорачала на локалната власт да започне со постапка за изработка на проект за санација и целосна реконструкција на објектот од културно и историско значење. Ова стои во извештајот со активности за Офицерскиот дом изработен од Oпштината.

Советникот од СДСМ, Благојче Котевски, вели дека и покрај ова, Oпштината дури пред еден месец започнала со тендерска документација за изработка на проект за Офицерскиот дом.

„На Комисија за спомен обележја се разгледа извештајот за активностите на Офицерскиот дом направен од страна на службите на Општина Битола. На оваа Комисија не информираа дека, иако Талески и лица од Општина Битола, велеа дека имаат проект за Офицерски дом, реалноста е дека точно по една година откако им беше предаден во владение, во февруари годинава започна теренска процедура за изработка на санација и целосна реконструкција на Офицерскиот дом“, вели Котевски.

Тој повикувајќи се на извештајот од Општина Битола, вели дека Обвинителството води постапка за Офицерскиот дом.

„Стручниот тим на Завод и музеј извршил увид во објектот, при што било констатирано дека јасно се гледа дека постои одвојување на носечката конструкција на лустерот од таванот и постои опасност од негово паѓање, никој не реагирал. За ова постојат и фотографии направени од музејот доставени до Општината. Во извештајот уште стои дека сновното јавно Обвинителство од Битола води постапка за Офицерски дом“, вели Котевски.

Од Општина Битола велат дека проектите за санација се веќе во фаза на изработка.

„Општината започнува со изработка на проекти, кои веќе се во фаза за санација на Офицерскиот дом. Во сите наши разговори го баравме Офицерскиот дом да дојде под Општина Битола. Кога е веќе тука нема да пропуштиме нешто што е за нас многу битно. Приземјето ќе го земиме за општината, таму ќе се направи венчална сала, а целиот објект откако ќе се реконструира ќе биде објект за култура“, вели градоначалникот Владимир Талески.

Според извештајот на Општината со активностите за Офицерскиот дом, уште минатата година Завод и музеј на Општина Битола и предал неколку проекти за ревитализација и санација на Офицерскиот дом.

„Имавме заеднички состанок со Општина Битола, им ја предадовме целата наша документација, која ќе им помогне во изготвувањето на проектот и им ја понудивме нашата стручна помош. Тие мислам дека го имаат распишано тендерот, ќе се избере соодветна фирма која ќе го изработи проектот, нашата установа ќе изврши стручна контрола и проектот ќе се испрати до Управата за заштита на културно наследство да добие конзерваторско одобрение“, вели Зоран Алтипармаков, директор на битолскиот Завод и музеј.

Офицерскиот дом, кој е споменик на културата, е во руинирана состојба и се распаѓа.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG