Достапни линкови

Предизборни ветувања за Битола - почист воздух и проекти за младите


Наташа Петровска, кандидат за градоначалник на Битола од СДСМ.
Наташа Петровска, кандидат за градоначалник на Битола од СДСМ.

Решавање на аерозагадувањето, гасификација или топлификација и проекти за да се задржат младите во Битола. Ова се главните во морето од ветувања на политичките партии во Битола пред локалните избори.

Битолчани ќе избираат меѓу четворица кандидати за градоначалник и пет листи за советници, од кои две независни.

Кандидат за градоначалник од СДСМ и коалиционите партнери е професорката по математика, Наташа Петровска.

„Ќе направиме гасификација по примерот на струмичани, паркови, велосипедски патеки, ќе направиме организиран сообраќаен режим и достапно паркирање, но не како денешното. Ќе го реновираме Офицерскиот дом во мултикултурен центар за во него да одекнат насмевките и аплаузите на битолчани. Младите ќе имаат простор повеќе за различни спортови преку мултифункционалниот спортски центар што ќе го изградиме“, вели Петровска.

Од ВМРО-ДПМНЕ која е на власт 12 години во Битола, изјавија дека ја примиле пораката на битолчани од парламентарните избори кога освоија за 3.200 гласови помалку од СДСМ. Сега ветуваат дека ќе водат поголема грижа за Битола.

Нивниот кандидат за градоначалник, пратеникот Зоран Илиоски изјави:

„Битола ја гледам како град на млади луѓе кои се убедени токму овде ќе најдат просперитетна иднина и потврда за своето образование, стручност и квалитет. Град кој ќе создава услови за нови работни места потпирајќи се на потенцијалот на своите млади сограѓани. Битола заслужува да биде град во кој жителите нема да се грижат за банални проблеми како што се кал и дупки по улиците, чиста и безбедна вода за пиење, соодветно депониран смет и високо хигиенски услови“, рече Илиоски.

Независниот кандидат за градоначалник Јорго Огненовски најави дека ќе работи против политичкиот криминал, мито и корупција, а Кирче Ташков за побогата и почиста Битола.

Независната листа на советници предводена од Габриела Илиевска ветува увид врз трошењето на општинскиот буџет, закон за РЕК, жиросметката на ЕЛЕМ да се префрли во Битола, голема поддршка на самохраните родители и друго.

„Битолчани не знаат на кој начин се трошат нивните пари. Како идни советници ќе побараме Општина Битола да изработи посебен софтвер во кој ќе бидат вметнати сметките на сите јавни претпријатија, училишта, градинки и на Општината. Тоа ќе го направиме за секој граѓанин во општина Битола да може во секое време да види како се трошат неговите пари“, рече Илиевска.

И „Левица“ годинава ќе се обиде да влезе во советничките клупи. Листата ја предводи студентката Ивана Атанасовска, а нивната програма предвидува проекти против сиромаштијата

„Пред сè ќе побараме намалување до 50 проценти на давачките кон Комуналец, Нискоградба и Водовод. Се надеваме дека 16 ударни мерки на Левица ќе претставуваат еден нов почеток за Битола“, рече Атанасовска.

Освен митинзите, пресовите, дел од кандидатите тргнаа од врата до врата да ги бараат гласовите на битолчани, слушајќи ги нивните проблеми, барања и предлози.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG