Достапни линкови

Возилата во Македонија окупираат простор поголем од трите езера заедно


 Граѓанската иницијатива „Битола на точак“
Граѓанската иницијатива „Битола на точак“

Битола и Општина Центар имаат најмногу возила по жител во Македонија, велат во Граѓанската иницијатива „Битола на точак“. Тие бараат да се ослободи плоштадот „Гоце Делчев“ од паркираните возила и да се пренамени со содржини за разонода на граѓаните, а општината низ градот да направи повеќе велосипедски патеки.

Возилата во земјава окупираат простор поголем од зафатнината на трите езера заедно - Охридското, Преспанското и Дојранското. По број на возила на прво место се општините Центар во Скопје и Битола. Овие податоци ги истакна Виктор Илиев од граѓанската иницијатива „Битола на точак“, која во повеќе наврати организира тура со велосипеди низ битолските улици упатувајќи порака против сè поголемата узурпација на јавниот простор во градот.

„Јавниот простор е наменет за граѓаните, а сè повеќе се дизајнира по мерка на колите. Улиците се шират, а тротоарите се скратуваат. Паркинзи се креираат на самите улици од десна страна, се затвора дел од улицата за тоа. Користењето на десната страна од улицата како паркинг зона е доста опасно за велосипедистите заради отворање на врати. На коловозот имаме две ленти за коли, од двете страни се паркираат возила, а велат нема простор каде да изведеме велосипедски патеки. Порано нелегално колите се паркирале на улиците, а денес тие се официјално исцртани како паркинзи“, рече Илиев.

Бројот на жители во Битола со иселувањето се намалува, но и натаму расте бројот на возила. Според последниот попис имаше 86 илјади жители. Се претпоставува дека сега има помалку од 70 илјади, а во градот има по две возила на семејство.

„Податоците од Заводот за статистика покажуваат дека во Македонија има толку многу окупирана површина под паркинг на коли, која е поголема од Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро заедно. Битола со општина Центар од Скопје се број еден по број на возила во однос на жители. Општина Битола има околу 21 илјади коли, заедно со други моторни возила 25 илјади. Во Скопје е друго зашто патуваат и во други општини, а во Битола каде градот е максимум до 4 километри пречник, а не одиме секогаш од еден крај до друг, нема потреба од толку возила“, додаде Илиев.

„Битола на точак“ бара да се ослободи плоштадот „Гоце Делчев“ од паркираните возила и да се пренамени со содржини за разонода на граѓаните, а општината низ градот да направи повеќе велосипедски патеки.

Во Битола пред две години се исцрта велосипедска патека на среде пешачка зона на шеталиште што наиде на многу критики од јавноста. Патека наменета за велосипедисти има и од страничната страна на градскиот парк. Но, тоа е премалку во однос на сообраќајната студија која пред неколку години беше презентирана во општина Битола според која целиот град требаше да биде опфатен со патеки за велосипедисти.

Од општина Битола во неколку наврати имаат посочено дека со воведувањето на кружните текови, создавањето на зелени јавни површини и поплочувањето на тротоарите го намалиле сообраќајниот хаос во Битола.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG