Достапни линкови

Аерозагадување – сите сме проблем и сите сме решение


Александар Донев, граѓански активист.
Александар Донев, граѓански активист.

Е па драги отруени сограѓани тоа треба да го расчистиме еднаш и засекогаш, истиот воздух го дишеме сите, без разлика на верска, политичка или каква било определба. Сите сме дел од овој проблем и сите сме дел од решението и не може ова никој да го реши за нас, пишува граѓанскиот активист Александар Донев во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Последниве неколку години воздухот што го дишеме е толку многу загаден што имам чувство дека со секој здив си скратувам дел од животот. Секој ден сме еден ден поблиску до крајот, но со ваков воздух и крајот се движи многу побрзо кон нас.

Илјада и триста наши сограѓани годишно умираат од директни последици од аерозагадувањето, а овој број индиректно е многукратно поголем, секое второ дете има проблеми со респираторните органи и мислам дека ако за ова сме незаинтересирани и не превземеме нешто, тогаш следното е сами да си ги ископаме нашите и гробовите на нашите деца.

Екстремната загаденост на воздухов е само резултат на загаденоста и нефункционалноста на сè останато во нашето општество. А ако не се согласувате со мојот став и сте од оние што го релативизираат овој проблем со изговор дека загадувањето било вакво многу оддамна само ние не сме биле информирани, имам едно прашање за вас. Дали воопшто е важно кога започнал овој процес и дали ако е така и верувате дека е многу одамна вие дишете различен и почист воздух од другите? Секако дека не.

Е па, драги отруени сограѓани, тоа треба да го расчистиме еднаш и засекогаш, истиот воздух го дишеме сите, без разлика на верска, политичка или било каква определба. Сите сме дел од овој проблем и сите сме дел од решението и не може ова никој да го реши за нас. И ако ова не нè обедини и за прв пат не застанеме сите од истата страна со заедничка цел да се избориме за нешто толку основно, како чист воздух, тогаш не верувам дека нешто друго може да не спои.

И прашањето што скоро секогаш го добивам е: Е, ај кажи како, што можам јас да сменам!?

Одговорот дечки е многу едноставен, но некако ние луѓето секогаш имаме тенденција да ги комплицираме работите или магично по линија на помал отпор да не се соочуваме со вистината и да ја префрламе вината кај другиот.

Сам можеш да делуваш и да ги промениш твоите навики и твоите активности. Доколку се информираш и ја подигнеш твојата свесност за како ти можеш да придонесеш за намалување на загадувањето во твоето секојдневие преку транспортот што го користиш, греењето, селектирање на отпадот и слично. Ако секој еден од нас го прави ова претпоставувате каков може да биде резултатот.

Паралелно со оваа промена треба да си ја уредиме и инфраструктурата во нашите населби, градови, села за да можеме да ги промениме нашите навики.

Тука тие што треба да ги повикаме се институциите од сите нивоа на системот. Но тие немаат слух за овој проблем, барем не до сега и нашето делување треба да биде во духот на заедништвото и организирано да го направиме тоа за да не можат да не игнорираат како до сега.

Јас од секогаш сум поддржувал и активно сум учествувал во протести кога со нешто не сум задоволен и сметам дека треба да се искаже незадоволство на мирен и демократски начин. Впрочем тоа е и наша граѓанска должност која треба да си ја имаме и негуваме. Башка, повеќе глави се попаметни од една, нели.

Во тој дух, бев дел и од протестите против загадувањето и бев многу разочаран. Едноставно не прифатлив ми беше фактот дека многу повеќе луѓе умираат од воздухот што го дишат од колку што не има на протест. Сите сме загрижени, со кого и да разговарам тоа ни е првата тема, на социјалните мрежи сите го зборуваат истото, но ќе дувне ветер, ќе го исчисти воздухот за кратко и сите се однесуваме како да немаме проблем. Ама ете не дувна ветер повеќе од 20 дена и загадувањето достигна рекордни граници од над 1200 микрограми и .....паника нормално.

Во секоја нормална држава на многу помало од ова загадување се стопираат сите градежни активности, со користење на различни мерки сообраќајот драстично се намалува, бесплатен е градскиот превоз и ред други мерки кои се спроведуваат дури и на најмало преминување на дозволената загаденост, а тоа е 50 микрограми.

Кај нас многу домаќинства се греат на гуми, отпад, лајсни и не знам на што уште не, фабриките работат турбо кои со, кои без филтри, се градат огромни булевари без патеки за пешаци и велосипеди, се возат секакви коли кои ефтино се увезуваат, градскиот превоз поскапува и сè е некако обратно од тоа што треба да биде.

Поради сево ова сум многу лут и кога еден пријател на фејсбук даде супер идеа да идеме кај Коце (градоначалникот на Скопје) во почеток на работното време и да протестираме кога тој е таму, без да размислувам се приклучив во протестот на кој успеавме да издејствуваме да не покани градоначалникот на кафе. Ја искажавме големата загриженост која граѓаните ја имаат поради аерозагадувањето и разговаравме за што градот презема и што може да се подобри. Со многу работи не се согласувавме, се објаснувавме и видовме дека ова е можеби добар начин одблиску да дознаеме што се презема и да ги притиснеме институциите чија обврска е да го адресираат овој проблем. Следниот ден појдовме кај Жерновски (Општина Центар) и некако спонтано продолживме и кај Коневски (Општина Аеродром), Јакимовски (Општина Карпош), Беличанец (Општина Кисела Вода), Трајковски (Гази Баба) и продолжуваме и понатака. Секако во план е и Министерството за животна средина.

Слушнавме и дискутиравме за многу аспекти од овој проблем. Посочивме за многу проблеми и можни решенија за истите. Инсистиравме на нивна отчетност, да можеме да видиме што работат нивните инспектори и тоа да биде јавно и транспарентно и да го објавуваат на нивните сајтови за да можеме да видиме што е пријавено и колку од тоа е реализирано и санкционирано. До каде се постапките и доколку за тоа е одговорна друга институција, дали и кога е известена и до каде е процесот. Граѓаните да можат на лесен и едноставен начин да пријавуват загадувач.

Разговаравме и за греењето кое е исклучително ранливо прашање, но и најголем загадувач во зимскиот период и механизми за решавање: субвенции, сертифицирање на шпорети, мерењето на испустот на воздухот да може да го прават општинските инспектори за кое ако има согласност може да се направат и законски измени, притисок за намалување за цената на парното и слично.

Стопирање на урбанизацијата на зелените површини и поставување на зелени кровови на јавните објекти. Изградба на велосипедски патеки по стандарди со сета потребна сигнализација кои ќе може безбедно да се користат.

Заедничкиот проблем кај повеќето како што самите кажаа е немањето ингеренции и така си ја префрлаат одговорноста на други институции, како Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи и други. Кај мене ова не им поминува зашто не може за други работи како напаѓање на граѓанските организации или други неистомисленици да биде супер оркестрирано и сите институции и нивни претставници да бидат одлично координирани и да звучат и делуваат како едно а кога треба нешто друго да се решава како ова на пример тогаш не можат.

Она што ние како граѓани можеме и требаме да го направиме е да го зголемиме притисокот кон овие институции и да бараме нивно меѓусебно соочување и заедно со експерти и здруженија кои се занимаваат со оваа тематика да се донесе долгорочна стратегија на највисоко ниво која сите институции ќе ја третираат со најголем приоритет.

Да не заборавиме, доаѓаат и локалните избори кои можеме да ги искористиме на два начина. Прво да бараме во нивните програми овој проблем да биде најсериозно третиран и приоритетно реализиран и второ, да си ги казниме тие што не го третирале овој проблем и не донесоа до овој стадиум, да бараме да одговараат доколку прекршиле некои закони и да си избереме некои кои ќе не слушаат и ќе работат во наш интерес. Ако и тие не се ок и нив ќе ги смениме, не на следните избори, порано.

А додека тоа го правиме да ја започнеме промената од самите себе.

XS
SM
MD
LG