Достапни линкови

Војводата Александар Турунџев стигна во Битола за изборната кампања


Споменикот на војводата Александар Турунџев во Битола
Споменикот на војводата Александар Турунџев во Битола

Споменикот на војводата Александар Турунџев пристигна во Битола пред локалните избори, иако одлуката за негово поставување беше донесена пред пет години. Треба да биде поставен во средината на кружен тек, кој сè уште не е довршен. Споменикот се чува во дворот на општина Битола.

Споменикот на војводата Алекснадар Турунџев непосредно пред локалните избори пристигна во дворот на општина Битола. Неговата изработка и поставување беше дел од петгодишната програма што битолскиот Совет ја изгласа уште во 2012 година, но ќе се поставува дури сега во 2017. Планирано е да се постави на кружен тек што општината пред избори сакаше да го гради во непосредна близина на Ат-пазар, местото на неговата погибел во 1905 година. Споменикот е изработен е од бронза, висок три метри и чини околу 25 илјади евра.

„Она што ви го најавив, практично и се реализира. Го имаме во дворот на општината споменикот. Целата постапка се заврши многу одамна. Ѓорги Димовски е авторот на идејното решение. Во ливницата во Скопје е изработен. Мислам дека е одличен резултатот, заеднички направивме нешто што ќе биде трајна вредност, една историска обврска и должност на сите нас“, рече градоначалникот Владимир Талески.

Војводата, поради неговата борба за слободна Македонија, во 1905 година бил осуден на смрт од турските власти и јавно обесен на Ат- пазар во Битола. Иако битолчани од секогаш имале длабока почит за неговото дело, во градот освен негова биста не беше подигнат споменик.

Сегашниот споменикот на Турунџев чека да се изгради кружниот тек пред Ат-пазар, па да биде постевен во неговиот центар. Но, проектот за кружниот тек предвидува сечење на дрвја од околниот парк кој постои околу 35 години. На ова се побунија станарите од зградите на улицата „Прилепска“ и со блокади со цвеќиња и цртежи од пејзажи го спречија сечењето на паркот.

„Дрвјата ги садевме пред 40 години. Толкав голем труд вложивме за да пораснат толку големи. Тие се душата на овој реон. Воздухот го чистат, прашината ја запираат. Што ќе постигнат со тоа што ќе ги сечат дрвјата“, вели Елена Атанасова.

„Не се противиме на кружниот тек, може да се изгради, но да се ревидира, да се направи во помал обем, да се зачува зеленилото. Зеленилото нам ни е многу важно бидејќи е и звучна изолација и заштита од загадување. Планираат да сечат околу 15 стебла, но според бележаното се повеќе. Сметаме дека ќе се загрози и безбедноста на станарите во овие згради бидејќи улицата ќе минува пред самите влезови“, вели Тодорчо Митев.

Поради реакциите и протестите на станарите, општината деновиве времено ја запре реализацијата на проектот. Од општината најавија дека идната недела ќе имаат средба со станарите за да изнајдат заедничко решение.

„Стручните луѓе и комисиите го одбраа просторот кај Ветеринарната станица. Таму се предвидува кружен тек, а според проектот каков што е подразбира навлегување во зелената површина и сечење на некои од дрвјата. Но, бидејќи жителите реагираа и доставија петиција, се договоривме да соработуваме. Од наш интерес е да најдеме заедничко решение“, рече Талески.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG