Достапни линкови

Лидерите за стратешки, кандидатите за локални теми


Предизборен митинг на СДСМ во Битола.
Предизборен митинг на СДСМ во Битола.

Лидерите на партиите зборуваат за теми значајни за државата, кандидатите за градоначалници се насочени на локалниот живот. Аналитичарите забележуваат дека „недостасуваат“ автобусите со луѓе, декор од претходните избори и не очекуваат негативна кампања.

Првиот ден од изборната кампања, односно конкретните говори на партиските ривали навестуваат дека кампањата ќе има две страни, оценува домашната јавност. Впечаток е дека многу помалку ќе слушаме за теми кои се поврзани со локалниот живот на граѓаните, а многу повеќе за теми кои се стратешки значајни за развојот и иднината на државата, вели професорот Никола Дујовски.

„Во говорот на Заев и општо на СДСМ сите кои вчера настапуваа во битолско провејуваат повиците да се заврши борбата за живот во Македонија, сега пренесено и за животот на сите граѓани, додека во говорот на Груевски во Охрид преовладуваа оние значајни теми за државата. Не за локалното население, не за луѓето коишто се таму. Но она што се забележува, а е надвор од говорите на политичките партии е дека овојпат недостасуваа автобусите на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид и автобусите на СДСМ во Битола, коишто носат луѓе од другите градови. И јас тоа го поздравувам како добар и зрел потег на партиите“, изјави Дујовски.

Дујовски не очекува класична негативна кампања во говорите на противкандидатите и додава дека во следните дваесетина дена тие би требало да се фокусираат врз реалноста, врз потребите на граѓаните и подобрување на животот.

Вчера, на првиот ден од кампањата, кандидатите за градоначалници се појавија во јавноста. Со прес конференции од хотели, од паркови, од улици, ветуваа дека ќе работат во интерес на граѓаните и ќе ги слушаат нивните желби и потреби. Скоро сите најавија дека ќе одржуваат средби со жителите на општината во која се кандидираат, дека ќе чукнат на секоја врата и ќе имаат разбирање за проблемите на граѓаните.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски го претставува нивниот кандидат за градоначалник на Охрид, Митко Тилевски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски го претставува нивниот кандидат за градоначалник на Охрид, Митко Тилевски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ која ја предводи Коалицијата „За подобра Македонија“ кампањата ја започна од Охрид. Лидерот на партијата Никола Груевски рече дека на 15 октомври СДСМ нема да може да се спаси од референдумот на народот.

„Како може да не паѓа економијата кога ги запреа без малку сите градежни проекти во државата, трите автопати, клиничкиот центар во Скопје, се пренаменија и парите предвидени за театарот во Охрид, училишта, градинки и останато? Од пусти гнев и инает, да запрат се што ВМРО започнало, ја запреа економијата и немаат никаков план како да продолжат?“, рече Груевски на митингот во Охрид.

СДСМ и Коалицијата „Живот за Македонија“ својата изборна кампања за локалните избори ја почнаа од Битола. Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави победа на локалните избори речиси во сите градови. Во говорот пред ресенчани се пошегува на сметка на изборниот слоган на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Новата ера доаѓа почитувани граѓани, ама дојде од 31 мај, кога се формираше новата Влада и заврши бандитското и криминално изнасилено влијание и владеење во Македонија. Македонија се менува на подобро. Тоа го гледаат сите, тоа светот го познава. Сите веќе го почувствуваа тоа и нема враќање назад“, рече Заев на митингот во Ресен.

Од ДУИ потенцираа дека најважно од се им е изборите да поминат во мирна атмосфера и најавија конкретна и амбициозна понуда за секоја општина поединечно.

„Ние ќе спроведеме модерна и интерактивна кампања со директни средби со граѓаните од куќа до куќа, од семејство до семејство, низ работилници и бизниси низ улици и плоштади кои постојано се менуваат на подобро, изјави портпаролот на изборниот штаб на ДУИ“, Арбр Адеми.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG