На 15 октомври над 1.7 милиони граѓани на Македонија со право на глас ќе гласаат на првиот круг избори за градоначалници и советници во 80 општини плус за градот Скопје. Листи со кандидати за градоначалници и за советници имаат поднесено 19 партии и коалиции, а 64 листи се поднесени од групи избирачи. Шестите локални избори во Македонија ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места. Овие избори треба да ги следат над 300 посматрачи на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.
Локалните избори се тест за политиката на премиерот Зоран Заев кој вети брз напредок кон НАТО и ЕУ. Тој, на чело на владината коалиција на СДСМ и албанската ДУИ, ја презеде власта пред повеќе од три месеци, по парламентарните избори кои се одржаа во декември 2016.
Меѓутоа, покрај локалниот карактер, што значи подобар сервис за граѓаните, инфраструктура, екологија, гласачите и овој пат се соочуваат со избор меѓу „груевизмот“ кој, според западот, ја направи Македонија „заробена држава“ и надежта дека „заевизмот“ нема да се претвори во она против што се бореше. За тоа, пак, веќе пристигнаа предупредувања од европскиот експерт Рајнхард Прибе, како и од домашните медиуми и експерти по обвинувањата за неетичко работење и непотизам.
Меѓу доброто и злото?
Поради тоа и овој пат во Македонија преовладува мислењето дека ова нема да бидат обични локални избори. Впрочем, што е тоа што било обично во 26 години независна Македонија кога постојано граѓаните се соочени да решаваат за нешто од судбински карактер за државата и за нив лично?
Имено, за двете страни на политичкиот спектар станува збор за епска битка меѓу доброто и злото, за избор меѓу демократија и авторитаризам, за граѓанска или за етнички обоена Македонија. И на крајот на краиштата - за Запад или за Исток.
И затоа е сосема легитимно гласачите да се запрашаат кој пат ќе го фати Македонија доколку гласаат за владејачката коалиција или за опозицијата и колку е тоа, за жал, поврзано со лидерите.
Судбината на лидерите по изборите
Овие избори првично се тест за три-четири месечното владеење на коалицијата СДСМ - ДУИ и пред сè за премиерот Зоран Заев и неговата политика за брзи евроатлантски интеграции, но истите имаат хамлетовско значење за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Политичката судбина на лидерите имено е поврзана со одговорноста, нешто што не е одлика на политичарите во Македонија, но ете им сега шанса.
И додека за лидерите на владејачките СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, можеби и има маневарски простор, за Никола Груевски, по загубата на централната власт, овие избори се хамлетовски „да се биде или не“. Ако изгуби – „готов е“, што би рекле „шарените“ од антигруевистичката револуција од пред година - две. Груевски ќе мора во тој случај да се соочи не само со тешките обвинувања од СЈО, туку, пред сè, со внатрешниот отпор во ВМРО-ДПМНЕ.
Самиот Груевски, прашан при гостувањето на телевизијата Алсат-М, дали е подготвен да си поднесе оставка од челната позиција во партијата ако ги изгуби изборите кратко одговори:
„Претседателот на партијата ја носи најголемата одговорност.“
Ако пак, победи, засилен ќе бара предвремени избори. Како што впрочем најави неговиот генерален секретар.
„На 15 октомври ќе ги победиме, така што нема да знаат што ги снашло, а на 16 ќе бараме нови предвремени парламентарни избори“, најави на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ генералниот секретар на партијата Христијан Мицковски.
И првиот човек на ДУИ Али Ахмети изјави дека е подготвен да се повлече од челното место во партијата во случај на лоши резултатите на изборите.
„Со најголемата одговорност изјавувам дека во моментот кога ќе загубам на избори, заминувам од ДУИ, од водењето политика, но не целосно од ДУИ бидејќи ДУИ е мојот дом, а човек не заминува од својот дом“, вели Ахмети.
Како се мери успехот?
Вечниот победник на изборите кај албанскиот електорат, Ахмети, на последните парламентарни избори, иако сè уште со најмногу пратеници, сепак се соочи со загуба на повеќе од 65 илјади гласови во однос на претходните избори. Од таму и опасноста ДУИ сега да се соочи со лоши резултати, особено пред амбициозните понови партии Беса и Алијансата за Албанците, кои излегоа со познати политички фигури за кандидати за градоначалници во градовите што се сметаат за клучни за Албанците. Впечатокот на политичкиот аналитичар Алајдин Демири е дека партиите на овие избори настапуваат според хамлетовата „да се биде или не“.
„Кај Албанците останува идејата дека тој што ги добил Тетово, Гостивар и Струга, тој на некаков начин е победник на изборите“, вели Демири.
Како СДСМ и ВМРО ДПМНЕ ќе го мерат успехот или неуспехот е друго прашање. Никола Груевски најави дека бил битен бројот на освоените општини. Од другата страна, преку социјалните мрежи му вратија дека победата во големите градови има многу поголема тежина. Како и да е, по овие локални избори ќе се знае кој пат ќе ја фати Македонија и кој ќе биде политички мртов. Груевски или Заев? Или можеби и Али Ахмети?