Достапни линкови

Непотизам и во оваа влада


Генералниот секретар на македонската Влада Драги Рашковски.
Генералниот секретар на македонската Влада Драги Рашковски.

Владата по само сто дена од своето владеење се соочи со обвинувања за непотизам и неетичко работење. Пред изборите партиите од власта се заложија дека ќе се борат против фамилијарните врски, а сега се поставува прашањето дали и тие тргнаа по тој терк. Експертите не се зачудени и се разочарани дека Владата ги прави истите грешки, при што бараат поголема транспарентност со цел да се решат дилемите.

По само сто дена од новата Влада на нејзина адреса пристигнаа првите обвинувања за непотизам. Додека беше во опозиција, едно од најважните ветувања на СДСМ беше дека ќе се бори против фамилијарните врски во власта и дека ќе ја искорени таквата пракса. Но, неодамна во јавноста се обелодени дека адвокатското друштво во кое удел има и кумашинот на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и кое било формирано пред два месеци, за неколку дена добило повеќе ангажмани од владини институции. Мајката на неговата сопруга беше именувана за претседател на Комисија во Централниот регистар. Негодувања во јавноста предизвика и учеството на фирмата Фероинвест на вицепремиерот Кочо Анѓушев на тендер за ЕЛЕМ. Тендерот во меѓувреме беше поништен, а компанијата излезе од играта.

Власта е слатка, а уште послатко е кога новата власт била 11 години во опозиција по се што и се случуваше за тоа време, вели политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ. Самиот политички и човечки морал налага да се одржи тоа што се вети и народот памeти што се случуваше во минатото и затоа тој треба да биде коректив на власта, бидејќи се уште се свежи сеќавањата за кумашинските односи и врски, додава таа.

„Не ме зачудува ова. Но и далеку многу повеќе ме разочарува затоа што ако СДСМ е склона да ги прави истите грешки и истите бизниси да ги врати како ВМРО-ДПМНЕ, можеа да почекаат барем година дена до две и за тоа време да ги остварат сите ветувања што ги дадоа, па некако да ги лулкаат во едно малку подобро општество за да може да ги тераат тие нивни кумашински бизниси. Но, ова се чекори на луѓе кои покажаа дека не ги интересира да го остварат тоа што го ветуваа и за тоа што народот излегуваше на улиците, туку едноставно да ја продолжат истата или слична шема како ВМРО-ДПМНЕ што правеше 11 години“, вели Стојадиновиќ.

Новата власт не треба да прави нешто против што се борела или јавно се декларирала во минатото затоа што тоа би било и некоректно и штетно за нив, смета политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

„Од друга страна, не значи секое обвинување дека тоа е реално. Ние сме слушале разни обвинувања дури и за време на првите сто дена од веќе сегашната опозиција и имаме импичменти за министри во тој период. Така што тоа не е репер дали нешто се случува или не. Во секој случај и ако има обвинувања, новата влада има обврска потранспарентно да се однесува и сите тие наводни аномалии да ги образложи пред граѓаните за да не се добие чувство дека се продолжува по истиот терк“, посочува Муслиу.

ВМРО-ДПМНЕ побара кривична одговорност од Рашковски и посочи дека тој станува синоним за непотизам, а Владата молчи. Според Муслиу, ни опозициската партија нема право да упатува такви обвиненија, бидејќи за тоа нема морален кредибилитет. Владата соопшти дека Рашковски и адвокатот „не се во роднинска врска“, а адвокатското друштво демантира дека било бесправно ангажирано.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG