Општина Битола донесе одлука да кофинансира 266 илјади евра или околу 23 проценти од проектот за реставрација и адаптирање на Офицерскиот дом, доколку успее за целиот проект во вредност од еден милион евра да добие средства со аплицирање до европските фондови. Донесената одлука не значи дека општината со гаранција ќе добие средства, туку тоа ќе зависи од квалитетно подготвениот проект и апликацијата.
Во меѓувреме, додека се очекува исходот, советниците деновиве се караа кој е виновен за руинираната состојба на објектот. Од СДСМ обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ сакала прво до него да гради трговски центар, а откако не успеале, сакала да го продаде. ВМРО-ДПМНЕ, пак, го обвини СДСМ дека во времето на нивно владеење малку недостигало да го направат казино.
„Стратегијата на Талевски беше таму да изгради трговски центар. Ние овде кршевме копја за трговскиот центар, зелениот појас не требаше да го има, паркинг да се направи. Тој што ќе го земел трговскиот центар ќе добиел и обврска да го реконструира и Офицерскиот дом. Тоа немало тешко да му падне зашто ќе заработувал од трговскиот центар“, рече Златко Ќурчиевски, советник од СДСМ.
„Ако евоцираме спомени кој што направил и колку направил за Битола, ако го земеме Офицерскиот дом и да ја напаѓаме СДСМ, тој денес ќе беше казино. Ако зборуваме што до денес направи за него ВМРО-ДПМНЕ, да, се обиде во неколку наврати да направи, но не успеа“, рече Илче Димовски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Од локалното мнозинство кое во неколку наврати во изминатиот период гласаше против општината да издвои пари за реставрација на објектот, сега изјавија дека владата на Заев треба да обезбеди 2 милиони евра за Офицерски.
„Она што ми пречи како човек е тоа што покажувате загриженост за еден од најзначајните објекти во општина Битола сега пред заминување, а тогаш кога протестиравме не смогнавте сили, не покажавте доблест да застанете заедно со нас. Скоро 13 години ја водите оваа општина. Направивте филџан, клавир, поставивте топка на влезовите од градот, но суштински чекори како што е оваа за реставрација на објектот не направивте. Беше дозволено тој да се опустоши“, рече советничката Наташа Петровска од СДСМ.
„Јас ќе верував дека вие се грижите ако новата влада на СДСМ, со новиот ребаланс кажеше дека 2 милиони ќе додели за Битола за реставрација на Офицерски дом, но тоа нешто го немаме“, рече Соња Трпезанова од ВМРО-ДПМНЕ.
Деновиве министерот за култура Роберт Алаѓозовски најави дека новата Влада ќе ја поддржи иницијативата за Офицерскиот дом да стане културен простор. На прашањето како ја замислува поддршката и дали може да се очекуваат пари од Владата за неговата реставрација, тој одговори:
„Да секако. Офицерскиот дом ние можеме и инфраструктурно и програмски да го поддржиме, а ќе инсистираме и на аспектите на заштитата на Офицерскиот дом како наше културно наследство“, рече Алаѓозовски.
Офицерскиот дом е културно–историски споменик останат од почетокот на 20 век, импозентен по својата архитектура, но поради долгогодишната негрижа денес е руиниран.