Капитал го анализира предлог-законот за енергетика
Најновиот Капитал го анализира новиот предлог-закон за енергетика што неодамна го претстави Владата, со кој покрај другото ќе биде загарантирано правото на избор на граѓаните да купуваат електрична енергија и природен гас по сопствен избор од било кој снабдувач. Ќе бидат надминати конфликтите на интереси што постојат во енергетското живеење, при што ќе се имплементираат европските директиви од третиот енергетски пакет на ЕУ. Со новиот предлог закон е предвидена и поделба на државните компании МЕПСО и ЕЛЕМ кои треба да се управувани од различни институции во државата при што поделбата нема да има финансиски последици на државната каса. Според проценката на вицепремиерот Анѓушев, кој го претстави предлог законот, „доколку не се случи некое големо зголемување на цената на струјата на светските берзи, нема да има зголемување на цената на струјата за граѓаните“. Исто така, граѓаните ќе добиваат една или две сметки за струја, една сметка за користење на мрежата од операторот на дистрибутивниот систем ЕВН, и тој и понатаму ќе остане да биде тоа и ќе биде регулирана дејност, односно, Регулаторната комисија ќе ја утврдува таа цена. Втората сметка ќе биде од снабдувачот на струја што граѓаните ќе може независно и слободно да го изберат на пазарот. Овој закон за енергетика требало да биде донесен уште во 2014 година, но поради тоа што не е донесен во предвидениот период, Енергетската заедница покренала две постапки кон РМ, која инаку е потписник на договорот за основање на Енергетската заедница и има преземено бројни обврски, од кои една од најважните е усогласување на националното законодавство со регулативите и директивите на ЕУ.
Фокус - Додека Чавков министерувал, син му и ќерка му го ширеле бизнисот
„Додека Чавков министерувал, син му и ќерка му го ширеле бизнисот“ пишува на насловната на најновото издание на Фокус со фотографија на ќерката на Чавков како им се обраќа на протестаните кога нејзиниот татко беше притворен поради неговата улога во крвавиот четврток во државното Собрание. Па во текстот објаснува дека синот на Чавков, Иван, пред неколку години ги формирал градежните фирми „Портланд-ОПЦ“ и „ИН-МАК БЕТОН“, „кои подоцна добија концесии за експлоатација на суровини, и тендери“, наведува неделникот. Минатата година, пак, „Портланд-ОПЦ“ станала дел од компанијата за товарен патен транспорт од Кавадарци „Алмиан“ заедно со фирмата на неговата сестра Зорица Чавкова - „Фидем Консалтинг“. Во една колумна во Фокус авторот вели дека ако актуелната власт на Заев сака да покаже дека „има разлика“ и има живот за сите, ќе мора час поскоро прашањето на одговорноста на избраните и именуваните функционери да го постави во строго утврдени законски рамки, „за режимот на Груевски да не биде заменет со режимот на Заев“, предупредува колумнистот во Фокус.