Достапни линкови

Пад на индустријата поради домашната политика


Архивска фотографија: Работнички во текстилна индустрија, конфекција Хатра, Прилеп
Архивска фотографија: Работнички во текстилна индустрија, конфекција Хатра, Прилеп

Индустриското производство во април оваа година е намалено за 1,9 отсто во однос на истиот месец минатата година, според податоците на Државниот завод за статистика. Познавачи причините ги гледаат во последиците од светската економија, домашната политичка криза и во пропусти на претходната влада.

Последиците од светската економија и од домашната политичка криза се двете главни причини за падот на индустриското производство за 1,9 отсто во однос на истиот период минатата година, вели претседателот на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство, Пеце Ристески.

Тој објаснува дека според нивните анализи и контакти со работодавачите, последиците од светската економска криза се уште се присутни, особено поради тоа што во земјава поголеми се претпријатијата од металургијата кои се сто отсто извозници, но падот на индустијата, според него, е поврзан и со домашната долготрајна политичка криза и недостатоткот на вложувања од страна на домашните инвеститори.

„Условите за вложување во однос на странските беа полоши, така што ако нема вложување, нема ниту продуктивност и конкурентност. Последиците од светската економија кај компаниите што се ориентирани извозно, се заради малите нарачки, а штом нарачките се мали, нормално доаѓа до намалување на производството“, вели Ристески.

Во однос на надминувањето на проблемот, Ристески вели дека прогнозите одат во насока дека оваа година ќе се санираат последиците, нарачките ќе бидат поголеми, а очекувањата на домашните работодавачи се стабилизирање на цените, но и дека новата влада ќе сеоздаде исти услови за домашните и странските компании.

Според бизнисменот Мендерес Кучи проблемот се провлекува со години. Тој вели дека претходната влада направила низа пропусти во нејзиниот однос кон индустријата, кон бизнис климата, и во односот кон инвеститорите и свежиот капитал кој, како што вели, би требало да го следи секоја индустрија за да оствари раст и да се соочи со различните турбулентни предизвици на пазарот.

„Има ред работи од коишто треба да се учи од минатото, каде се направени грешки, и тоа да биде предизвик за новата влада, односно каде таа не треба да греши. Но ние сме убедени дека овој пат навреме ќе реагираме, нема да и дозволиме на новата влада да ги направи истите грешки, бидејќи веќе има човек од бизнисот којшто ќе се занимава директно со оваа пробломатика, така што се надеваме дека некои работи кои зависат од нас ќе ги поправиме“, вели Кучи.

Надминувањето на проблемот нема да биде можно без свеж капитал и нови пазари, додава Кучи, а за тоа пред се е потребна сигурност и стабилни закони коишто нема да бидат двосмислени и различно да се толкуваат. Тој додава дека важни се и критериумите, односно дали на некој ќе му биде дозволено да работи нелегално и различно од законите кои важат во Европската унија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG