Владејачкото мнозинство во Парламентот може да се зголеми, односно да добие поддршка за реформите и од неколку пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Извори од СДСМ брифираат дека двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и двајца од нивните коалициони партнери најавиле поддршка на владините реформски закони, во интерес на граѓаните. Тие не би преминале во СДСМ, вели истиот извор, туку би дејствувале како независни пратеници.
И премиерот Зоран Заев во неделата, по победата во вториот круг на локалните избори, рече дека очекува мнозинството да расте, бидејќи пратениците се охрабрувале.
„Тоа не значи можеби преминување од една политичка партија во друга, но знам дека мнозинството за реформите, мнозинството за интересите на граѓаните, мнозинството за перспективите на Македонија сигурно ќе расте“, рече Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија на прашањето поврзано со ваквите изјави на Заев, дали стравуваат од намалување на нивната пратеничка група.
Од 50-те пратеници што се во коалицијата на опозициската партија, 42 се од ВМРО-ДПМНЕ, еден е од ГРОМ, тројца од Социјалистичката партија и по еден од партиите на Ромите, Турците, Бошњаците и Србите. Еден од двајцата пратеници од ГРОМ, Чедомир Саздовски, веќе го извести претседателот на Собранието дека ќе дејствува самостојно.
На иста позиција како и досега остануваат петте пратеници од Беса. Од партијата, која на локално ниво беше во коалицијата со владиниот партнер, Алијанса за Албанците, ги негираат информациите дека размислуваат да влезат во Владата. Од таму додаваат и дека остануваат на причините кои пред пет месеци, при формирањето на владата, ги наведоа како нивни аргументи зошто не се дел од мнозинството.
При крајот на мај, во екот на партиските преговори за состав на Владата Беса одлучи да не влезе поради тоа што Заев не бил, како што соопштија, подготвен да ги прифати принципите за заедничко владеење и за истите да потпише договор. Тие, тогаш бараа во власта да нема луѓе за кои Специјалното јавно обвинителство има подигнато обвиненија, рокови до кои би се отвориле некои теми или, пак, би се донеле некои закони, како на пример за јазиците, балансирано владеење и отворање на темата за редефинирање на државата.
Од Алијансата за Албанците, која има тројца пратеници, а двајца од нив, лидерот на ДР-ДПА Зијадин Села и Весел Мемеди од Националната демократска преродба веќе имаа несогласувања, засега нема конкретна заедничка најава како ќе дејствуваат понатаму. Села, откако не успеа да стане градоначалник на Струга ја обвини власта за „поткуп и уцени на гласачи вршени од партиски активисти заедно со полицијата“. Неговиот сопартиец Арбен Таравари, кој стана градоначалник на Гостивар, рече дека немаат определено став за напуштање или останување во Владата, а дека тоа допрва ќе биде решено откако ќе се анализираат последните изборни резултати.
Досега имаше и неколку најави за можно влегување и на ДПА, а тоа пред десетина дена го потврди и премиерот Заев наведувајќи дека тоа е една од алтернативите. Во тој случај владиното мнозинство би се зголемило за уште двајца пратеници.