СДСМ прогласи победа на локалните изборите, ВМРО-ДПМНЕ не ги признава резултатите. Од ДУИ излегоа со слична оцена како нивниот владин партнер дека изборите биле демократски и граѓаните слободно ја изразиле својата волја. За опозициската БЕСА пак, изборната атмосфера била тензична. Една од партиите која ја сочинува Алијансата за Албанците, исто така, не ги призна резултатите.
Според податоците на ДИК од гласањето во вториот круг, СДСМ победи во 19 општини, ВМРО-ДПМНЕ во 2, ДУИ во 8, Алијансата за Албанците во три, а ДПА, БЕСА и Група избирачи во по една општина.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за време на долгото обраќање рече дека причината за таквата одлука на партијата, според него, се низата нерегуларности кои ги наброи и за кои го обвини министерството за внатрешни работи.
„Сакам да објавам дека заради изборно насилство и силување на демократијата и силување на државата, заради констатирани, евидентирани и документирани изборни нерегуларности, заради бруталниот терор кој се вршеше во овие две недели, заради нечовечките закани, бруталните притисоци, масовниот поткуп, заради кривичните кои ги направија во изборите и согласно одлуката на извршниот комитет ВМРО-ДМПНЕ не ги признава овие избори“, рече Груевски.
Тој постави седум услови: организирање на предвремени парламентарни избори согласно Договорот од Пржино кои ќе бидат организирани од техничка влада, Агенцијата за аудио визуелни и медиумски услуги и ДИК да ги предводат кадри по предлог на опозицијата, истрага за наводите за нелегално прислушување на функционери од ВМРО-ДПМНЕ, разрешница на случајот Поткуп во кој е осомничен претседателот на СДСМ Зоран Заев, формирање на Специјално јавно обвинителство кое ќе ги истражува изборите во 2016 година и во 2017 година и итно ослободување на лицата што се во притвор и прекинување на истрагите за насилството на 27 април во Собранието. Груевски не одговори на прашањето што ќе преземе партијата доколку не бидат исполнети нивните услови.
Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев порача дека изборите биле фер и демократски и на вториот круг од гласањето граѓаните ја потврдиле нивната победа.
“Ги повикувам ВМРО-ДПМНЕ да го преиспита својот став за непризнавање на овој изборен процес за кој и тие самите знаат дека помина во целосна слободна, фер и демократска атмосфера. Ги разбирам овие тешки моменти исполнети со емоции, во кои се наоѓа раководството на нашиот политички противник, но се надевам дека ќе изнајдат сили да се однесуваат како одговорен политички субјект за кој и на овие избори гласале сериозен број на граѓани и ќе се вклучат и ќе дадат конструктивен придонес во реформите од суштинско значење за подобар живот на граѓаните на Република Македонија. Апелирам до раководството на ВМРО-ДПМНЕ во прв план да ги стават интересите на граѓаните на Република Македонија“ порача Заев.
Заев ги отфрли условите на Груевски и наводи за нерегуларности и истакна дека уште од сега би се знаело какви би биле резултатите на евентуални предвремени парламентарни избори, алудирајќи дека победата би отишла во рацете на СДСМ. Според него до предвремени парламентарни избори би дошло само доколу парламентарното мнозинство се наруши. Но, Заев порача дека тој верува оти мнозинството ќе расте.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во партиското седиште во Тетово прогласи голема победа на партијата. Според ДУИ, Владата на покажала демократски капацитет за организирање демократски избори.
Зијадин Села, чија партија ДР-ДПА е дел од Алијансата за Албанците не ги призна резултатите од изборите, бидејќи како што истакна имало поткуп и уцени на гласачи вршени од партиски активисти заедно со полицијата на „правната држава“ и најави жалби.
Од движењето БЕСА посочија дека регистрирале многу неправилности кои ги пријавиле во домашните и меѓународните институции, а подготвиле и пријави до ДИК.