Вториот круг се спроведува на 1.517 избирачки места каде право на глас имаат 833.710 граѓани, што претставува 46 проценти од запишаните гласачи во Избирачкиот список
Од вкупно 10 скопски општини, втор круг има во шест и тоа во Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир, Сарај и Шуто Оризари. Во овие општини право на глас имаат 260.194 граѓани, кои ќе гласаат на 387 избирачки места.
Во останатите 29 општини во Македонија во вториот круг можат да гласаат 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места.
Вчера гласаа болни и немоќни луѓе, кои претходно се пријавиле дека ќе гласаат од дома, и затвореници.
Првиот круг од изборите се одржа на 15 октомври кога се избраа членовите на советите, градоначалник на Град Скопје и градоначалници на 45 општини. Ова се шести локални избори во Македонија.
Имајќи предвид дека Избирачкиот список за овие локални избори е заклучен пред одржувањето на изборите, лицата што ги немало во изводите од Избирачкиот список на првиот круг на 15 октомври, нема да може да го искористат правото на глас и на вториот круг од изборите.
Според Упатството на ДИК, постапката и начинот на гласање е ист како и досега, но различно е тоа што сега во овие 35 општини ќе се гласа само на едно избирачко ливче, само за градоначалник.
Резултатите од гласањето ДИК сукцесивно ќе ги објавува на својата веб-страна.
Вториот круг ќе го следат повеќе набљудувачи
За вториот круг од локалните избори Државната изборна комисија акредитираше 5.101 домашни и 473 странски набљудувачи, како и 20 странски новинари. ДИК за вториот круг од изборите акредитираше дополнителен број набљудувачи и новинари.
Од домашните најголем број набљудувачи има МОСТ - 2.917 потоа Здружението на граѓани „Синергија“ - Штип 1.829, Цивил - Центар за слобода 207, Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид - Скопје 125, Центарот за разбирање и институционална соработка Скопје - ЦРИС Скопје 17 и Македонскиот центар за култура и развој шест набљудувачи.
Од странските, најголем број набљудувачи има Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР 289, потоа Амбасадата на САД во Македонија 35, Делегацијата на ЕУ 23, Меѓународниот студиски центар за избори (ИЕСЦ) 18...
Набљудувачи имаат акредитирано и Канцеларијата на НАТО во Скопје и амбасадите на Руската Федерација, Албанија, Австрија, Франција Велика Британија, Шведска, Унгарија, Кралството Холандија, Италија, Словачка во Македонија, Државна изборна комисија на Црна Гора, централните изборни комисии на Косово и на Бугарија и Меѓународна фондација за изборни системи (ИФЕС) - Канцеларија во Република Македонија.
Во ДИК се акредитирани и 315 преведувачи.
За вториот круг од изборите акредитирани се и дваесет новинари и тоа од Ал Џазира Балкан, Гласот на Америка, Агенција за вести - Косова Пресс, Руска информативна агенција ТАСС, Унгарската државна телевизија, Гласот на Америка, Асошиетед Прес и ТВ Коха Висион - Приштина.
Во првиот круг од локалните избори што се одржаа на 15 октомври беа акредитирани 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи, како и шест странски новинари.
Граѓаните може да пријават повреда на избирачкото право
Ако на гласачот му е нарушено избирачкото право, тоа може да го пријават до Државната изборна комисија и до набљудувачите на изборите. На располаѓање се и канцелариите на Народниот правобранител и на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Сите седум канцеларии на Народниот правобранител ќе бидат отворени за вториот круг од изборите, за да им се помогне на граѓаните во остварувањето и заштитата на нивните права.
Од 7:00 до 19:00 часот ќе бидат отворени сите седум канцеларии во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип.
Освен лично во канцелариите граѓаните изборните нерегуларности ќе може да ги пријават и телефонски во канцелариите на Народниот правобранител.
Народниот правобранител апелира до сите, а посебно до надлежните органи, во рамките на нивните можности и надлежности да придонесат за спроведување избори, во кои гласањето ќе се одвива слободно и непречено, во согласност со законот и доследно ќе се почитуваат човековите права.
И Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет ќе биде отворена за пријави за повреда на избирачко право. Освен лично, граѓаните повреда на избирачкото право може да пријават и телефонски или преку електронска пошта.
Упатство за гласање на локалните избори
Избирачот може само еднаш да гласа. Гласањето се врши тајно, зад параван, а заокружувањето треба да биде со сино пенкало. Забрането е фотографирање и снимање на избирачкио материјали и на избирачите додека гласаат.
Гласање за друго лице е забрането, освен ако избирачот има физички недостаток или е неписмен.
Според Изборниот законик, гласачките места започнуваат со работа во 7 часот наутро и гласањето трае непрекинато до 19 часот. Доколку се доцнело со почеток на гласањето, гласањето продолжува за онолку време колку што задоцнило. Гласачките места затвараат во 19 часот, но на оние гласачи кои се затекнале на местото на гласањето ќе им биде овозможено да си го остварат своето право на глас.