Вториот круг нема да ја смени големата слика за локалните избори, во која СДСМ е убедлив победник, а ВМРО-ДПМНЕ губитник, велат аналитичари, пред гласањето в недела. Уште 35 општини останаа без градоначалник. Во вториот круг од локалните избори, коалициите предводени од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ ќе се борат во 20 општини, од кои во 14 води СДСМ, а во останатите шест ВМРО-ДПМНЕ. Во останатите општини се натпреваруваат градоначалници од албанскиот блок и во две општини во предност се независни кандидати.
Ненад Марковиќ од Правниот факултет Јустинијан Први вели дека може да се очекува дека трендот од првиот круг ќе продолжи и во вториот.
„Затоа што не се смени една многу битна варијабла која можеше да ги промени изборите, тоа беше евентуалната оставка на Никола Груевски на местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку тој ја понудеше својата оставка меѓу двата изборни круга можеше да прати порака дека практично ја примил пораката од гласачкото тело, пред сè од своето гласачко тело, кое не излезе и не го поддржа на овие избори“, вели Марковиќ.
Тој вели дека Груевски со оставка можеби и ќе можеше да спаси неколку градоначалнички места во општините во вториот круг.
„Вака дури мислам и дека се намалени шансите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг, но тоа секако ќе зависи од други фактори, од излезноста, од тоа дали овој тренд ќе продолжи, оти сега луѓето се понесени со победата во првиот круг на власта и сега има шанса да се смени сликата дури и каде што власта губеше во првиот круг, може да се смени во нивна корист. Една таква карактеристична општина би била Штип, бидејќи ќе има условно кажано еден ефект на снежна топка“, вели Марковиќ.
Од вкупно 10 скопски општини, градоначалник во вториот круг ќе се бира во шест. Во Гази Баба, која досега важеше да бастион на ВМРО-ДПМНЕ, кандидатот на СДСМ води пред тој од ВМРО-ДПМНЕ, но во советот води ВМРО-ДПМНЕ со 14 спроти 12 советници, плус еден од коалиција на албанските партии. Во Кисела Вода води кандидатот на СДСМ, а имаат и еден советник повеќе.
И во Бутел и во Шуто Оризари водат кандидатите на СДСМ, со тоа што во Бутел разликата е далеку поголема, но ќе мора да прават коалиции во советите, оти ниту една партија нема мнозинство.Иста беше и ситуацијата во Кавадарци, но таму постизборно советничката група на СДСМ и коалицијата и независниот советник Ристо Сакалиев направија коалиција, со која обезбедуваат мнозинство во Советот. Во Чаир и во Сарај водат кандидатите на ДУИ пред тие на Беса.
Од големите градови без градоначалник остана само Штип, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник доби 36 гласови повеќе од кандидатот на СДСМ, но за советници води СДСМ, а има и повеќе од 1000 неважечки ливчиња.
Во општините каде градоначалниците се од партиите на Албанците во Македонија се случуваат интересни математики, па така партиите кои се партнери во владата, коалицираат со други партии на локално ниво.
Политичкиот аналитичар и поранешен пратеник Насер Зибери вели дека вториот круг ќе биде интересен за албанскиот политички блок, оти ќе се прегласува во многу општини и оти односот на силите е поизбалансиран.
„За разлика од македонските политички партии каде што СДСМ во првиот круг има убедлива победа, мислам дека по таа инерција, исти или слични ќе бидат и во вториот круг, додека кај Албанците борбата ќе биде до последниот глас, со оглед на тоа што Беса и Алијансата ги здружија силите, а од друга страна СДСМ ја поддржува ДУИ“, вели Зибери.
Ако Алијансата и Беса освојат повеќе општини, тие ќе инсистираат да има предвремени парламентарни избори, а со тоа и ДУИ да замине во опозиција, дополнува Зибери.
„Доколку остане статус-кво, тогаш разбирливо е и по најавите на премиерот, дека оваа влада ќе продолжи да функционира, се разбира зајакната од страна до пратеници кои ќе гравитираат кон парламентарното мнозинство, а кои пратеници во моментов се во други пратенички групи, како ДПА или пратениците од немнозинските заедници, коалиционери на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Зибери.
Во првиот круг се избрани градоначалници на 45 општини, плус Град Скопје, од кои СДСМ освои освои 38 градоначалнички места, ВМРО-ДПМНЕ три, ДУИ две, Демократската партија на Турците едно и во две општини победија независни кандидати. ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалнички места само во помалите општини Илинден, Петровец и Сопиште.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред изборите рече дека еден од најважните репери за победа на изборите е бројот на општините, но значаен е и бројот на гласови. Груевски истакна и дека доколку неговата партија ги загуби изборите, тој ја носи најголемата одговорност за поразот.