Неколку денови пред локалните избори во 35 македонски општини кампањата се интензивира, а пораките на политичките партии изобилуваат со истакнување на негативностите на противникот. Она што е особеност на оваа изборна кампања се негативните реклами. Од распишувањето на изборите медиумите се преплавени со фотографии со оцрнување и нарушување на угледот на кандидатите кои се поистоветуваат со опозициските лидери.
Сепак не е сè толку негативно во досегашната кампања. За разлика од рекламите, јавноста е сведок дека во дебатите сите кандидати за градоначалници се трудат да зборуваат за локални проблеми и да нудат решенија.
Комуникологот Климе Бабунски вели дека негативната кампања како и дуелите на кандидатите за градоначалници се една целина. Во основа пропагандата се обраќа кон сите луѓе, поддржувачите, спротивниот табор и неодредените, и со таквото сегментирањето целта е да се добие вниманието на што повеќе гласачи, вели Бабунски.
„Не треба да се дели, во смисла дека негативната кампања е независно или нешто одделно дефинирано од партискиот врв, а она што градоначалниците го кажуваат во јавните настапи е добра пропаганда. Тоа е микс и самите партии така го замислуваат, а целта е да се влијае врз убедувањето на сите“, вели Бабунски.
На политичката сцена чести негативни изјави во досегашната кампања си разменија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ .
Професор Али Пјазити оценува дека многу помалку на удар на политичкиот напад се кандидатите за градоначалници, а многу повеќе самите партии. Тој вели дека политичката кампања е крајно деструктивна и во албанскиот блок, особено по најавите за заеднички настап на Беса и Алијансата на Албанците.
„Особено ме чуди ДУИ чиј речник е радикализиран, поради стравот дека противниците може да и одземат гласови. Оваа атмосфера ја креираат лидерите кои не обрнуваат внимание на политичкиот дискурс и харизмата ја користат да ги регрутираат своите гласачи и политичката сцена ја сметаат како арена на гладијатори. Ова особено се гледа на социјалните мрежи каде ситуацијата е многу наелeктризирана пред вториот круг“, вели Пајазити.
Бабунски вели дека негативната кампања е насочена првенствено кон лидерите, но на удар се и носителите на листите и градоначалниците. Според него, негативната кампања не е нешто апстрактно, туку напротив таа навлегува и во приватноста за да го претстави кандидатот во лошо светло. Јасно е дека се води кампањата на сите нивоа и оти таа е повеќе димензионална, вели Бабунски.
„Негативната кампања е насочена кон противникот кон врвот или водачот на партијата. Но, ако постојат реални препознатливи причини, таа е насочена кон кандидатот. Не само ако гласам за некого, гласам за водачот на партијата, туку и самиот кандидат, особено ако веќе бил градоначалник нема да биде пропуштено да се потенцира тоа што лошо го направил“, вели Бабунски.
Во кампањата имаше обиди за афирмација на некои сопствени програми, но прашање е дали тоа е нешто што ќе ги определи гласачите. Тоа што се случува на ниво на меѓусебни обвинувања во делот на негативната кампања доаѓа во прв план и веројатно тоа ќе влијае врз гласачите сметаат експертите. Важно е да се потенцираат и позитивните и негативните аспекти на политичкиот противник, вели Бабунски.
„Секоја комуникација кога се профилира одредена појава за да биде анализата целосна треба да се видат и двете страни, и добрата и лошата. Затоа постои и изборната кампања. За жал, пристојноста често пати е прегазена, тука нема извини. Противникот треба да се нокаутира. Тоа е фолклор на секоја борба, па и на политичката“, вели Бабунски.