Достапни линкови

Непризнавање на резултатите за спас на Груевски


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски

По најавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за непризнавање на резултатите од изборите и по добиената речиси апсолутна власт на СДСМ, аналитичарите очекуваат турбуленции во опозицијата и голема одговорност за владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ не ги признава резултатите, од како што велат криминалните избори, бидејќи волјата на граѓаните во голема мера била украдена со закани, притисоци, поткуп и злоупотреба на институции, но нема да ги вратат мандатите на петте градоначалници што ги освоија.

„Не постои причина зошто би ги враќале мандатите на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ кои победија на овие избори и во вакви услови, бидејќи на тој начин само би му се помогнало на Заев и СДСМ во узурпација на нивната волја и реализација на нивниот план за обезбедување на целосна власт и моќ за да може полесно да тргуваат со националните интереси“, вели портпаролот Иво Котевски.

И според дел аналитичари не треба да се очекуваат радикални потези кои би предизвикале посериозна политичка криза по изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за непризнавањето на резултатите од изборите.

Професорот од Правниот факултет Ненад Марковиќ, смета дека зад ваквата изјава постои една причина, а таа е дека Груевски не сакал да даде оставка од позицијата претседател.

Ова е голем пораз за партијата, веројатно постојат и недостатоци во изборниот процес, како и на секои избори во Македонија, но големиот пад во гласовите што го доживеа ВМРО-ДПМНЕ не може да се должи на тоа, вели Марковиќ.

„Toa што е реалноста е што сега најверојатно ќе биде срамно сменет и дека ќе има внатрепартиски притисоци кои ќе се интензивираат и радикализираат по овој историски најголем пораз на која било партија досега“, вели Марковиќ.

За разлика од Марковиќ, Јетон Шасивари, професор на Универзитетот на Југостоична Европа, препознава вовед во нова политичка криза, земајќи предвид дека и лидерот на ДР-ДПА Зијадин Села, рече дека не ги признава резултатите и посочи на нерегуларности. Но и тој не очекува драстични чекори, како напуштање на парламент, туку обелоденување и истражување на сите наводи за нерегуларности.

„Ако ги имаме предвид седумте барања на ВМРО-ДПМНЕ, тие се увертира за некаков нов политички договор меѓу политичките субјекти налик на Пржино 3 кое би се случило во блиска иднина“, вели Шасивари.

Кратко време откако Груевски од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ ги испорача седумте барања зад кои рече дека стои и извршиниот комитет на партијата, претседателот на СДСМ Зоран Заев, од нивното партиско седиште ги повикува ВМРО-ДПМНЕ да го преиспита својот став за непризнавање на изборен процес за кој и тие самите знаат дека помина во целосна слободна, фер и демократска атмосфера.

Партијата на Заев сега всушност ја има речиси целосната власт и на централно и на локално ниво. Ваквата состојба значи многу одговорност за нив, вели Марковиќ.

„Сега тие имаат многу поголема одговорност од тоа што навидум изгледа. Имаат одговорност да не влезат во некакво ново сценарио на заробена држава но имаат и бланко поддршка да ја спроведат целата политика што ја најавуваа. Таа поддршка им ја дадоа нивните гласачи но и гласачите од другиот табор кои се повлекоа и не излегоа на изборите“, вели Марковиќ.

Инаку на изборите СДСМ има убедлива победа со освоени 57 општини, а ВМРО-ДПМНЕ сериозен пораз со освоени пет општини. Од партиите на Албанците ДУИ освои најмногу, десет општини, Алијансата за Албанците три, а ДПА и Беса добија по еден градоначалник. Три општини ќе бидат водени од независни кандидати, една од Демократската партија на Турците.

Втор круг локални избори, се гласаше во 35 општини
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:03 0:00

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG