Достапни линкови

Се моли СДСМ да не прави вмровски финти


Zoran Kuka
Zoran Kuka

Ги гледав среќните изрази на нивните лица. Ја имаат власта на сите нивоа. Дечки вие си знаете што значи тоа. Знаете и дека треба сè обратно да правите од она што го правеа оние пред вас, за да не добивате пораки по социјалните мрежи од типот на насловот на текстов.

Добро утро,

Ете и тоа бидна. СДСМ покрај централната ја доби и локалната власт. ВМРО-ДПМНЕ не ги призна резултатите и побара предвремени избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски обвини за недемократска атмосфера и системски закани и уцени. Тој постави и заканувачки услови до како што рече „хунтата“ на Зоран Заев. Заев, пак, од друга страна, доста скромно ја објави победата и во вториот круг и ја повика опозицијата на разум и да работи во интерес на граѓаните, нешто што ќе го правел и тој самиот и, како што рече, и СДСМ. Што ќе биде од утре е големо прашање, но многумина аналитичари одамна велат дека на СДСМ едноставно му одговара Никола Груевски да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Со него на чело, велат, оваа партија и натаму ќе тоне.

Но, друг ми е муабетот. Пред две недели славеа на улиците, а синоќа на некои места се славеше и по вториот круг локални избори. Во Скопје и во Тетово дури и се пукаше од огнено оружје. И додека СДСМ синоќа скромно му ракоплескаше на нивниот лидер во седиштето на Бихаќа се потсетив на сите прослави, и на оние на кои сум бил, и на оние на кои не сум бил, но сум ги следел работно. Најмногу на една се сетив. На една дамнешна на која не бев, ама од која добив писмо од колега следното утро, по прославата. Мислам на онаа од пред 11 години кога започна преродбата. Писанието на три страни, по долги години чување и селидби по разни фиоки, на крајот го изгубив, но суштината оди некако вака:

„Ме прашуваш како беше. Е па вака. Бев дежурен на вести во редакција. Изгинавме од работа. И кога конечно ги соопштија резултатите го затворивме дуќанот. Светлата во студиото изгаснаа. Готово е, завршив. Го соблеков сакото, ја извадив вратоврската, го исклучив компјутерот во канцеларија и тргнав дома. И додека возев низ центар со мојата стара лада, ги гледав низ шофершајбната развиорените знамиња, среќните лица на „победниците“ кои трубеа од возилата, пееја, викаа, радосно оти по четири години повторно нивните се вратија на власт. Ти велам „НИВНИТЕ“, бидејќи, тие не се свесни дека утре, за повеќето од нив сè ќе биде исто. А мене друже ми беше мака оти ова го гледам веќе 15-тина години во оваа наша независна Македонија. Ми се смачи дека се нешто судбинско решаваме, а животов си минува.“

Така думаше колегата пред 11 години, а десетина години потоа и јас се најдов меѓу оние кои славеа во центарот на Скопје пред две недели и синоќа. Ги гледав среќните изрази на нивните лица. „Готов е“. „Че си лежи“. Ја гледам радоста и ја разбирам по годините минати под она што и на Запад го нарекуваа „хибриден режим“. И нека си лежи, ако судот докаже дека го сторил криминалот за кој е осомничен и обвинет. И тој и другите, кои му згрешиле на законот, нека си лежат. Но, што со овие кои победија?

И ајде нека им е со среќа, ќе им треба, си велам. Ајде белки конечно целосно ќе завладее демократијата и правото. Па да не се вадат веќе партиските книшки како пасоши за работни места. Нека ги фрлат и оние што имаат по две- три во џеб. Нека биде слободен зборот. Нека не се затвораат новинари. Да биде власта транспарентна, а судството независно. Но дали тоа го сакаат и оние партиските војници кои чувствуваат дека им дошле нивните 5 минути. По сите овие години разочарувања тешко е слепо да им се верува.

Сепак, надежта, велат, последна умира, и тогаш ми текнува на нешто што неодамна го чув како прераскажување на напишан пост по социјалните мрежи - „Се моли СДСМ да не прави вмровски финти“.

Дечки вие си знаете што тоа значи. Знаете и дека треба се обратно да правите од она што го правеа оние пред вас, нели?

Значи, без популистички финти од типот „народот така сака“. Немојте во име на народот да пробате да спроведувате квази демократија па да останеме „хибриден режим“ како што не нарекуваа.

Парите, се НАШИ пари, и без вмровски финти кога ги користите и трошите за наше добро, нели? Очекувањата се многу поголеми од стирoпорот на бившата власт.

Ја имате и централната и локалната власт, а власта расипува и тоа многу бргу. Не реагирајте како навредени примадони кога ќе ве критикуваат дури и „куририте“, колку и да звучи ова болно! Критиката е здрава работа, па дури и кога е неправична, несоодветна. Вратете со аргументи, на ниво и за законите за пушење и за тоа што се одложува контролата врз УБК и за некои чудни тендери. И бидете среќни што нема да се согласуваме. Поздраво ќе биде и за вас.

Е тогаш навистина ќе ве биде.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG