Достапни линкови

Спласнува мотивацијата за гласање кај граѓаните


Архивска фотографија
Архивска фотографија

На локалните избори в недела не се очекува толку голема излезност како на парламентарните избори минатата година. Експертите посочуваат дека е многу тешко со месеци да се задржи високото ниво на политичка заинтересираност кај граѓаните.

Мотивираноста на граѓаните да излезат да гласаат на претстојните локални избори очигледно е дека ќе биде помала од онаа на минатогодишните вонредни парламентарни избори, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија. Тој забележува дека луѓето не се многу расположени да гласат за политичка промена, со оглед дека промената на власта веќе се случи на централно ниво и дополнува дека е многу тешко повеќе месеци во континуитет да се одржува високо ниво на политичка заинтересираност.

„На некој начин луѓето ја проживеаја катарзата од политичката криза низ гласањето на парламентарните избори. Со оглед на тоа дека кризата е помала и луѓето сега се помалку мотивирани да гласаат за или против. Очекувам да се движи околу стандардот од 64 – 66 проценти излезност“, вели Трошановски.

Граѓаните кои ни рекоа дека се мотивирани да излезат да гласаат за советници и градоначалници во Скопје наведуваат дека и на претходните избори не се откажувале од своето право на глас.

Што ги мотивира луѓето да гласаат?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:44 0:00

Некои велат дека се расположени да гласаат за да им дадат шанса на новите кандидати, а други дека се мотивирани да гласаат за досегашните носители на локалната власт. Тие што се воздржани велат дека последниот ден ќе одлучат дали на некој од учесниците во трката за Скопје и општините ќе му го дадат својот глас.

„Да, ќе излезам. Тоа е нормално, секој граѓани треба да го исполни тоа како граѓанин. Во населбите каде што седиме имаме потреби од повеќе работи и треба да го сториме тоа.“

„Да ги слушаш едните ќе паднеш во несвест, другите бетер, па да видиме. Сега видовме што помина, да видиме што ќе биде со новиве што ветуваат. Јас ќе бидам задоволна со 50 проценти од ова што ветуваат.“

„Ќе гласам зашто сум лојална на градот Скопје и на Македонија. Не сум мотивирана, разочарана сум од сè, но ќе излезам своето право да го искористам.“

„Би требало да излеземе, ќе видиме. Не знам, не сум политички определен. Слабо сум мотиваран.“

„Планирам да гласам зашто досегашната власт малку претера. Се надевам на подобро и за градот и особено за општина Центар.“

„Еве градов Скопје е убав направен и затоа ќе си гласам“, велат дел од граѓаните.

Инаку, резултатите во поголемите градови во исто време ќе бидат показател какво е расположените на гласачите за идните парламентарни избори. Експертите укажуваат дека од излезноста на гласачите ќе зависи и исходот во општините каде разликата меѓу кандидатите за градоначалници е тесна, а според истражувањата, таков е случајот и со главниот град.

„Блиска е разликата меѓу советничките листи и кандидатите и оттука личните карактеристики во овој случај ќе играат пресудна улога и тоа ќе ги мобилизира неопределените гласачи. Поголема излезност ќе ги определи исходите во неколку клучни општини меѓу кои и во Скопје,“ вели Трошановски.

Инаку, излезноста меѓу 50 и над 60 проценти e вообичаена и зборува за помала политизираност на граѓаните во моментов, велат експертите. Осврнувајќи се врз податокот дека во Македонија една третина од популацијата е неопределена, тие укажуваат дека само во случај на голем политички набој и кога има исклучително важно национално прашање, интересот за гласање се зголемува на 70 до 80 проценти. Слична е ситуацијата и во други земји, а исклучок се државите во кои граѓаните законски се обврзани да излезат на гласање како во Грција.

Во Македонија на последните вонредни парламентарни избори што се одржаа на 11 декември на гласање излегоа 73,6 проценти од граѓаните.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG