Достапни линкови

Беспрекорен изборен процес, клучен за иднината на Македонија


Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски гласаат на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016.
Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски гласаат на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016.

Кредибилни, фер и демократски избори очекуваат експерите, но порачуваат и дека по гласањето в недела потребен е мирен трансфер на локалната власт, согласно аспирациите на земјата за остварување напредок во евроатланските интеграции.

Мирен трансфер на локалната власт очекуваат експертите по гласањето на изборите в недела. Кампањата досега помина во меѓусебни обвинувања на лидерите и кандидатите на власта и на опозицијата, а набљудувачите нотираа изолирани инциденти. На последните локални избори во 2013 година тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги освои гласовите во 56 општини, додека СДСМ победи во четири, останатите градоначалнички места им припаднаа на партиите од албанскиот блок.

Професорот Никола Дујовски вели дека на Македонија како никогаш порано и е потребен изборен процес кој ќе отслика дека државата е подготвена да биде и кандидат за членство во ЕУ, да отвори преговори за влез во европското семејство и да стане членка на НАТО. Според него, не доаѓаат предвид повеќе никакви отстапувања од законските рамки коишто значат фер, кредибилни и демократски избори. ДИК и Министерството за внатрешни работи, како што наведува, имаат сериозна обврска изборниот ден во најмала рака да помине како на гласањето на предвремените парламентарни избори.

„Но и потоа во фазата на одлучување евентуално по жалбите по постапките од првиот изборен круг или целокупниот изборен процес со завршувањето на назначувањето на градоначалниците мора да помине мирно. Повеќе нема да се толерира и државата не смее да си дозволи да толерира какво било однесување кое може да биде паралелно со однесувањето пред 27 април. Градоначалниците што ќе добијат уверение од ДИК дека се назначени на функцијата ќе треба што поскоро да ги превземат општините и да раководат согласно законот. Никакво одлагање, одземање печати или узурпација на просторот или било што друго, институциите не смеат да дозволат “, вели Дујовски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу посочува дека мирниот трансфер на власта е неопходен и не може да се прави паралела меѓу парламентарните и локалните избори. Според него, веќе има трансфер на власта на централно ниво и секако можностите на која било од страните да врши опструкција во целиот процес се намалени.

„Ние имаме една партија во централна власт, а друга имаме во локалната власт. Но, секако дека механизмите кои ги има централната власт би ги оневозможиле градоначалниците кои би го оспорувале целиот процес на трансфер на власта да тоа истото го сторат“, смета Муслиу.

Тој додава дека се можни помали инциденти за време на гласањето во зависност од изборната математика на политичките партии, но не очекува нарушување на целиот процес.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG