ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во изборната реторика околу Тетово преку своите јавни настапи полемизираа и околу тоа дали треба или не да се поддржи кандидат за градоначалник од друга партија. Во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека неразбирливо е тоа што СДСМ и дава поддршка на кандидатката на ДУИ, досегашната градоначалничка, Теута Арифи, образложувајќи дека таа недоволно добро го раководела Тетово.
„Раководството на СДСМ одлучи да ја поддржи Теута Арифи кандидат за градоначалник од ДУИ, која во изминативе четири години потфрли како градоначалник и немаше слух за решавање на најгорливите проблеми во градот, особено во деловите населени со Македонци. Драги тетовчани, СДСМ бара поддршка од Вас, во туѓо име и туѓа сметка“, истакна Александар Велјановски, носител на листата со советници за општина Тетово од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на главниот партиски митинг за Тетово ја бранеше одлуката да се гласа за Теута Арифи. Тој ги обвините ВМРО-ДПМНЕ како главни виновници што во градот не се работело на дел од поголеми инфраструктурни зафати во изминатиот четиригодишен период.
„Во сиве овие четири месеци решивме работи или отпочнаа со своето решавање и во Тетово. За нешто за што ВМРО-ДПМНЕ буквално се правеа „блесави“ до крај. Како можело да почне реализацијата со водоводот, како можело да веќе се добие одобрение за градба, за проектот во гимназијата Кирил Пејчиновиќ, за 12-те паралелки Македонци да ги вратиме повторно тука во интегрираното образование. Како можело Владата да најде веднаш средства на предлог на општина Тетово заедно да се организираме и да почнеме со чистењето на депонијата кај житните силоси. А можело. Што правеше ВМРО-ДПМНЕ 11 години. Можело само лева рака, десен џеб. Само пари, пусти пари ги интересирале, ништо друго“, истакна Заев.
Во 2013 година СДСМ имаше свој кандидат за градоначалник. ВМРО-ДПМНЕ исто како во 2013 година за градоначалник го кандидираше Горан Манојловски, доктор и актуелен пратеник. На овие избори, покрај Арифи и Манојловски, кандидати за градоначалници во Тетово се Билал Касами од Беса и Аднан Незири од Алијанса на Албанците.