Достапни линкови

Танцување или проституција по тетовските локали?


Полицијата во тетовскиот регион речиси секоја недела има акции по локалите, при што се откриваат странските државјанки кои непријавено престојуваат и работат на ова подрачје. Во споредба од пред десетина година, нивниот број сега значително е намален.

Тетовската полиција редовно информира дека полицајци во ноќни клубови и слични угостителски објекти наоѓаат странски државјанки и ги приведуваат поради нелегален престој и работење. Се смета дека под превезот на пејачки, танчерки и келнерки младите жени извршуваат и проституција. Сепак полицијата тешко го докажува ова дело, а најчесто жените завршуваат депортирани во земјите од каде што доаѓаат.

„Споредено со пред десетина години, лани и годинава посебно, значително намален е бројот на странските државјанки кои непријавено престојуваат и работат на ова подрачје. Тогаш, далеку поголем беше бројот на вакви лица, пред сè од Бугарија, Украина или Молдавија, кога само во една акциска контрола се откриваа и по педесетина и повеќе девојки. Кога станува збор за откриените странски државјанки постои сомнение дека некои од нив се инволвирани во проституција, односно трговија со луѓе или други криминални активности. Меѓутоа непобитен факт, кој се темели на нашето досегашно професионално искуство е дека трговијата со луѓе тешко се препознава и докажува“, објаснува портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифовски.

Сега жените доаѓаат од соседните земји, како Албанија, Косово и Србија, а ги има и од Македонија. Полицијата речиси секоја недела има редовни или акциски контроли при што ги открива во локалите.

„Најголемиот број од нив престојувале непријавено, односно спротивно на целта и го злоупотребиле туристичкиот престој, поради што се приведени, кусо задржани во СВР Тетово и предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија. Речиси сите потоа изведени се пред судија за прекршоци на Основните судови во Тетово и Гостивар и со изречени парични глоби и времени забрани за влез во Република Македонија, депортирани се во нивните матични земји“, вели Јосифовски.

Во 2003 година Министерството за внатрешни работи формираше Транзитен центар за жените кои беа жртви на трговија со луѓе и проституција, за да преку рехабилитација ја спроведуве постапката за нивно враќање во матичната земја.

Покрај жените, во тетовско и гостиварско, и мажи, претежно од Албанија, често се откривани и приведувани од полицијата поради нелегален престој и извршување работи пред сè во земјоделството и градежништвото.

„Многумина од нив престојуваат непријавено или не ги поседуваат потребните документи, особено оние кои илегално влегуваат во нашата земја, обично напролет, а заминуваат со почетокот на есента“, истакнува полицискиот портпарол.

XS
SM
MD
LG