Достапни линкови

Стартува реформскиот курс во судството


Долг е процесот да се смени сликата за судството, а претресот на СЈО во канцеларијата на судијата Панчевски е само почеток. Постојат индиции дека се правеле злоупотреби со системот за електронска распределба на судски предмети, а за тоа посочува и експертот Прибе.

Почеток на реформите во судството и сериозно сфаќање на забелешките кои на адреса на судскиот систем веќе подолго време стигнуваа од Европската Комисија и експертот Рајнхарт Прибе. Вака стручната фела го толкува вчерашниот претрес на СЈО во канцеларијата на судијата Владимир Панчевски, поранешен претседател на Основниот суд Скопје 1, во кој беа одземени сите податоци од компјутерскиот систем за распоредување на предмети во судот.

Судијата Лазар Нанев, кој е и член на работната комисија која Министерството за правда ја формираше врз основа на забелешките кои беа доставени од Прибе, а која има за цел да констатира одредени состојби во судството, вели дека овој случај дополнително го нарушува имиџот на судството и ја намалува и онака кревката доверба на јавноста во правосудниот систем.

„Ова укажува на зголемување на недовербата и во прашање доведува голем број судски одлуки кои досега биле носени во судовите, меѓутоа и постапките што се реализирале од одредена група на судии коишто во изминатиот период се водеа. Што навистина точно се случило и како сето тоа ќе се проблематизира во однос на транспарентноста и вербата во судството? Дефинитивно ќе претстои еден сериозно долг процес за промена на целокупната слика, што се разбира со овој случај што се отвори само ќе се проблематизира во борбата кон целокупниот тој реформски зафат“, вели Нанев.

Тој додава дека индициите кои постоеле подолг временски период укажуваат оти се правеле злоупотреби со системот на автоматска распределба на судските предмети.

„Ова е се уште почетна фаза, се уште не знаеме што навистина се случило и што понатаму ќе се случува и кои се тие докази кои укажуваат дека навистина одредени лица коишто имаат активности во делот на функционалноста на АКМИСОТ го злоупотребиле или не. Во секој случај, ова е само доказ дека сериозно се сфатени забелешките на Прибе и дека конечно во земјава сериозно може да се започне со реформскиот курс, а токму злоупотребите на АКМИС и делегирањето на предметите надвор од потпишаните процедури согласно Законот за управување и движење на предметите ќе укажат на тоа дали во судовите правилно функционира овој систем или не“, вели судијата Нанев.

Инаку, специјалната обвинителка Катица Јанева вчера изјави дека податоците од компјутерот на Панчевски укажуваат на тоа дека АКМИС системот бил злоупотребуван, односно дека распределбата на предметите била местена.

АКМИС системот претставува автоматизиран информационен систем за управување со судските предмети. Од 2010, АКМИСОТ е оперативен во сите 34 судови во Република Македонија, заменувајќи го рачното процесирање на предметите и овозможувајќи им на судовите да станат поефикасни и потранспарентни. За упатените во оваа област, компјутерски експерти, иако системот е претставен како софтвер кој функционира без човечка интервенција, постојат многу случаи во кои секој програмер може да остави „таен начин“ преку кој ќе ја раководи програмата. Секој што има административни привилегии за одржување на системот, би можел да интервенира во истиот, а ниту еден систем не е имун на хакерски упади, велат од ИТ-секторот.

Сомневањата дека системот АКМИС бил злоупотребуван ги потврди и експертот Рајнхард Прибе во неодамнешниот извештај во кој јасно пишува дека постојат кредибилни индиции дека во системот повремено се мешале одредени луѓе со цел да се осигура некои чувствителни предмети да паднат кај одредени судии. Слабоста на системот е што голем број на различни актери од Судскиот совет, Врховниот суд, претседателот на судот и министерот за правда делат одговорност за пристапот до системот вели Прибе и наведува неколку начини преку кои АКМИС системот се злоупотребува.

„Прво судија во кој се нема доверба, може да биде префрлен во друг оддел од судот како што е на пример трансферот од криминални на граѓански парници, што се покажа дека е чест случај во Основниот суд Скопје 1. Второ, предмети не им се доделуваат на судии кои се на отсуство или боледување. Ова индицира дека некои судии сами се повлекуваат на ваков начин за да не им се паднат чуствителни предмети со цел да го избегнат притисокот кој доаѓа со предметот. Трето, разликата во третманот на предметите по стариот ЗКП од 2013 и по новиот ЗКП по 2013 можно е да се злопотребат за манипулации на системот. Четврто, системот може да биде заменет од страна на личности кои имаат пристап до системот како што се претседатели на судови“, се наведува во извештајот на Прибе.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG