„Ова е акција за пребројување на нивното членство...“ – (мисли на членството на ВМРО-ДПМНЕ) - „...кај се видело лични информации да се запишуваат во анкета“.
Ова е реакцијата на Ванчо Коде на нашата ФБ страница на информацијата од пред некој ден дека жители на населбата Аеродром се запишуваат против населување мигранти и градење кампови за нив, што актуелната Влада неколку пати го демантираше. Јовица Андреевски, пак, вели, „ако имаат совест господава потписници нека собираат потписи за враќање на иселените од Македонија. Мигрантите не се заинтересирани да живеат овде, со 10.000 плата можат само трева да пасат“.
И другите десетина постови се на оваа линија – се реагира на обврската, заедно со потписот да се запише и матичниот број, како што постирал Зоран Секуловски, „и овој циркус ќе помине, најважно е како ќе бидат искористени тие матични броеви а тогаш ако излезат и кукаат ќе ги упатам правдата да ја бараат во ВМРО“, или Зоран Аврамоски:
„А за нашите избркани 600 илјади од Македонија нема собирање потписи“.
Изјавата на српскиот министер за надворешни Дачиќ по средбата со шефот на македонската дипломатија, Димитров, исто така е коментирана од фановите на РСЕ. Љубомир Ачков напишал:
„Нека си го чисти сопствениот двор, првин пробаа со ДПМНЕ да направат државен удар и ликвидација на избрани пратеници, јавно се изјасни дека Србија згрешила што нè признала под уставното име, а сега ќе глуми фактор за добрососедство“. А Александар Тасевски заклучува: „И овие имале жолти комбиња!“
За тоа дека е неизвесна судбината на дел од незавршените објекти од „Скопје 2014“ интересен е коментарот потпишан со Ситизен Скопје: „Да се срушат и по едно купче по дома кај оние од ГДОМ, ’Тврдокорните‘ и другите безбројни здруженија што се формираа“, а Рубин Ристески препорачува „да се остават и да сведочат за еден разврат, блуд, простотилак, апашлак... на една багра што ја испусти Македонија само за свој интерес“. Но Оливер Јордановски смета дека треба да се остават бидејќи, вели, „вас за градење не ве бива, само за рушење, па кога ќе дојде другата влада ќе ги доизгради“.