Впечатокот дека политичките партии се однесуваат различно кога се на власт, а кога се во опозиција, го потврдува собраниската расправа за ребалансот на буџетот, на која поголемиот дел од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ чија содржина е иста како кога ги предлагаше СДСМ, сега не беа прифатени од страна на парламентарното мнозинство.
Во политичката борба не се бираат средства за да се обезбеди доминација на сцената, но ваквото политичко лицемерие е предизвикано од недостигот на нови идеи и методи во дејствувањето, анализира социологот Ѓорги Тоновски.
„Инвентивноста значи секогаш изнаоѓање нови начини, идеи и методи со кои ќе ги пласирате своите ставови пред пошироката јавност. Имам впечаток дека во македонското собрание таа инвентивност е доведена во прашање и мислам дека од таа неинвентивност произлегува и она што наликува на лицемерие и на копирање на идеите или однесувањето на партиите кога се на власт или во опозиција“, вели Тоновски.
Според Тоновски една од причините за таквата некреативност е предолгото задржување на определени политичари на македонската политичка сцена.
„Ако погледнете во Парламентот ќе видите некои први виолини меѓу пратениците кои ги знаеме веќе 25 години, дојдоа со таканаречени гел фризури и еве ги сега веќе возрасни луѓе се уште седат таму и форсираат некои идеи кои се веќе застарени и не соодветствуваат на она што Македонија сака да го направи од себе“, вели професоерот Тоновски.
Според професорката Беса Кадриу пак „двете страни“ на политичките партии се јавуваат како резултат на недостигот од принципи во работењето на партиите.
„Имаме случаи кои покажуваат дека недостасува висока политичка култура, која пак ќе докаже дека постојат јавни личности кои го бранат интересот на граѓанинот. Свесни сме дека досега имавме неповолни ситуации, но затоа пак во иднина треба да не постојат такви случаи и да се изгради нова практика која ја применуваат и најразвиените западноевропски земји“, изјави Кадриу.
Кадриу смета дека ваквото политичко лицемерие граѓаните се научиле да го препознаваат и дека единствениот демократски механизам со кој можат да го казнат е гласот на некој од следните избори.
„Ако сметаат дека нивните претставници не ги претставуваат нивните интереси, граѓанинот може да ги казни тие политичари со помош на неговиот глас. Преку него тие можат да ги контролираат неповолните ситуации“, изјави Кадриу.
Експертите додаваат дека граѓанскиот сектор е уште еден од факторите кои може да придонесе за надминување или ослабување на политичкото лицемерие и кој може да внесе свежина во политичкото дејствување.