Достапни линкови

Медиумите за договорот со Бугарија и притворите


Нацрт договотор со Бугарија пред Комисијата за надворешна политика.
Нацрт договотор со Бугарија пред Комисијата за надворешна политика.

Весниците и порталите пишуваат за Нацрт-договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, за одлуките на Апелациониот суд да одреди притвор за неколкумина обвините во предметите на СЈО, како и за Нимиц и за дипломатските пасоши.

Вечер објавува вест на која сигурно ќе се налутат охриѓани: „Во Охрид летувајте преку Амстердам – поевтино е! На пример, холандските туристи имаат примамлива понуда за седумдневен аранжман од 99 евра“, пишува весникот.

Порталот на дневниот Фокус го објавува истражувањето на НоваТВ: „МВРО-ВМРО им дало дипломатски пасоши на Зврлевски, Пешевски, Илија Димовски, на пејачката Калиопи!“

А Нова Македонија загатнува интересна информација: „Се наѕира ли конфликт на интереси на посредникот на ОН – Нимиц во банкарски релации со Грција“.

Имено, американската невладина организација од јавен интерес „Инер сити прес“, позната по своите истраги во банкарската индустрија, побарала објаснување и од ОН дали можеби постои конфликт на интереси бидејќи Метју Нимиц е советодавен директор на компанијата „Џенерал Атлантик“, која има удел во данската банка Саксо со подружница во Грција.

Вечер, инаку, деновиве најмногу интерес посветува на Нацрт-договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, за кој е најавено потпишување на 2 Август, а откако на затворена седница им беше претставен на членовите на Комисијата за надворешна политика во македонското Собрание. Весникот ја објави изјавата на претседателот на Комисијата, Милошоски: „Владата да не брза со потпишување на договорот со Бугарија“. Вечер реагира и затоа што седницата беше затворена: „Договор за добрососедство со Бугарија зад затворени врати“, но ја објавува и изјавата на премиерот Заев по завршувањето на седницата дека „Договорот со Бугарија е основа за добрососедство“ и дека седницата била можност тој и неговите советници да добијат сугестии од власта и опозицијата во Парламентот. Нова Македонија информацијата ја објави со наслов: „Документот останува таен и отворен за дополнување“, а го објави делот од изјавата на Заев дека „Со договорот, Владата на РМ уште еднаш ја афирмира посебноста на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонскиот идентитет“.

Слободен печат информира за средбата на претседателот на Собранието Џафери со Таџан Илдем, помошник Генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија, со наслов: „Поддршка од НАТО за владината реформаторска агенда“.

Слободен печат наслови: „Врховен ќе пресече дали тројцата поранешни од УБК ќе одат во притвор“ откако Апелациониот суд ја прифати жалбата на СЈО по одбивањето на Кривичен да ја потврди бараната мерка притвор. Нова Македонија со следнава информација: „Грујевски, Јакимовски и Бошковски ќе ја чекаат одлуката на Врховен“. Порталот Курир.мк го пренесува пишувањето на порталот на дневна Република, кој како да знае дека „Врховниот суд ќе ги корегира недоследните одлуки на Апелација“. Нова Македонија и Вечер ја пренесуваат изјавата на премиерот Заев дека „Ќе се затвора отвореното прашање – Законот за јазиците ќе се донесе пред локалните избори наесен“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG