Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ пречка за продолжување на рокот на СЈО


Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство - СЈО.
Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство - СЈО.

До крајот на јуни истекува рокот на СЈО за покренување обвиненија. И покрај апелите за негово продолжување, упатените не очекуваат тоа да помине во Собранието, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е против. Единствено решение, како што порачуваат, е СЈО да премине во редовното обвинителство.

Истекува рокот од 18 месеци на СЈО за покренување обвиненија, а упатените не очекуваат Собранието да овозможи негово продолжување. Пречка за тоа, според нив, ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи токму нејзиниот лидер Никола Груевски, како и поранешни и сегашни функционери во партијата се осомничени и обвинети во случаите на СЈО.

На последната прес-конференција, обвинителката Катица Јанева побара од новото парламентарно мнозинство да го избрише, измени или укине членот од законот кој се однесува на рокот за покренување обвиненија со цел до крај, како што рече, да ги истражат кривичните дела кои произлегуваат од скандалот со прислушувањето.

Универзитетскиот професор Осман Кадриу не верува дека ќе има политичка волја од сите партии да се пристапи кон барањето на СЈО и да се продолжи рокот.

„Како што е познат ставот на сега веќе опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, таква согласност нема да се даде. Ако не се даде таква согласност од нивна страна, значи не постои политичка волја да се продолжи мандатот, затоа што, како што е познато, законот за СЈО е донесен со двотретинско мнозинство и такво мнозинство е потребно за секоја наредна измена и дополнување на законот“, вели Кадриу.

Поранешниот обвинител Александар Наков очекува да продолжат опструкциите во оневозможување на работата на СЈО.

„Меѓутоа и по завршувањето на рокот до 30 јуни, започнатите предистражни постапки СЈО најпрофесионално ќе ги заврши, а до тогаш ќе ги поднесе обвиненијата кои се спремни. Лично мое очекување е дека двотретинско мнозинство тешко дека ќе има, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ сигурно нема да гласа за СЈО да ја продолжи работата. Тоа значи дека не постои никаква пречка сработеното да премине во редовното Јавно обвинителство“, порачува тој.

И Кадриу очекува СЈО да продолжи со истрагите. Единствено решение и според него е да се донесе нов закон со кое СЈО ќе премине во редовното обвинителство.

„Тогаш нема да има пречки да се продолжи и со постапките кои досега не се отворени“, смета тој.

Доколку не биде продолжен рокот, обвинителката Ленче Ристоска порача дека тие ќе продолжат со истрагите, бидејќи мандатот на СЈО не завршува кога завршува и рокот за покренувања на обвиненија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG