Повторно одложено судењето за случајот познат во јавноста како „Тврдина 2“ на СЈО за уништување на документација поврзана со прислушувањето. Овој пат поради отсуство на еден од обвинетите, поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујевски. Минатото рочиште во март беше одложено поради болест на судијката Лидија Петровска, а овој пат Грујевски не беше присутен поради здравствени причини. На судењето не беше присутен ни неговиот адвокат Никола Додевски. Другите адвокати од одбраната доставија медицински документ до судот дека здравствената состојба на Грујевски била влошена и посочија дека на боледување ќе биде две недели.
„Се работи за хронична болест на обвинетиот“, рече адвокатот Петар Василев.
Обвинителот Трајче Пеливанов изрази сомнеж дека отсуството на Грујевски не е оправдано.
„Од досегашното однесување на обвинетиот Грујевски и останати осомничени, обвинети и сведоци од УБК, и имајќи ги предвид дека и после отвореното боледување бил присутен во кругот на МВР, го известивме судот дека ќе побараме проверка на болеста на Грујевски и неговата оправдана спреченост да присуствува на денешното рочиште“, вели Пеливанов.
Од обвинителството посочија дека ќе побараат видео запис од МВР и податоци од картичниот систем со цел да се утврди движењето на Грујевски. Доколку нивните сознанија се покажат како точни, од судот ќе бараат да издаде наредба за приведување на обвинетиот.
Одбраната реплицираше дека на обвинителството веќе му било познато дека Грујевски има хронична болест и тоа било документирано во повеќе наврати. Според одбраната, неосновано се тврдењата, бидејќи тој бил присутен на други рочишта.
„Со цел да се изврши притисок врз обвинетиот за да се преземат други мерки се тврдењата на обвинителството“, порачаа од одбраната.
Од обвинителството на крај повикаа за да не се одложува кривичната постапка да се утврди дали Грујевски е способен да присуствува воопшто на судењата. Пеливанов рече и дека од МВР е извршена декласификација на поголем дел од доказите во предметот.
Наредното рочиште е закажано за 23 мај. Освен Грујевски во случајот обвинети се уште неколку вработени во УБК.