Достапни линкови

СЈО и натаму бара притвор за Кочан


Архивска фотографија - Бизнисменот Сеад Кочан.
Архивска фотографија - Бизнисменот Сеад Кочан.

Документација на одбраната со која се тврди дека бизнисменот е во тешка здравствена состојба, отвара сомнеж кај Специјалното јавно обвинителство, па СЈО останува на барањето за определување мерка притвор за Кочан.

По три часа сослушување кај судија на претходна постапка, адвокатот на осомничениот бизнисмен Сеад Кочан и обвинителите од Специјалното јавно обвинителство излегоа од Судот, различно карактеризирајќи ја медицинската документација за здравствената состојба на Кочан.

СЈО остана на барањето за определување мерка притвор за Кочан. Обвинителот Гаврил Бубевски изјави дека рочиштето се одржало без присуство на осомничениот, а неговиот адвокат Никола Додевски приложил документација дека тој е болен. Меѓутоа документација на одбраната со која се тврди дека бизнисменот е во тешка здравствена состојба, отвара сомнеж кај Специјалното јавно обвинителство. Од тие причини обвинителот Гаврил Бубевски побарал докторот кој го лекува Сеад Кочан да биде повикан пред судијата за да ја образложи здравствената состојба на бизнисменот, но Судот го одбил ваквиот предлог. Бубевски изјави дека потоа се пристапило кон анализирање на доказите според насоките на Врховниот суд кој го укина притворот.

„Насоките на Врховниот суд, според мене, се драматична деструкција на уставните вредности на државата. Ако е негативна одлуката на Судот ќе се жалиме сигурно. Во овој момент не ги знам целосно околностите на здравствената состојба на осомничениот и СЈО верувам ќе вложи жалба. Ова беше штуро известие кое не укажува на тоа дека може да се произнесам или од хуман аспект да кажам дека не е човекот за притвор“, изјави Бубевски.

Судија на Кривичниот суд повторно ги разгледуваше аргументите и доказите кои ги нуди СЈО за да одлучи дали Кочан ќе оди во притвор, откако Врховниот суд пред некој ден ги укина решенијата за притвор на Кривичните совети на Кривичниот и Апелацискиот суд.

Адвокатот на Кочан, Никола Додевски изјави дека преку решението за притвор и известувањето на медиумите за состојбата на Кочан, се врши хајка против бизнисменот.

„Можам да ви кажам дека Кочан е во исклучително сериозна здравствена состојба. Решенијата за потерниците се незаконски и затоа се укинати од Врховниот суд“, изјави Додевски.

На прашање каде бил Кочан и зошто заминал 60 дена тој одговори дека кога заминал не постоел притвор ниту потерница по него.

Судијата на претходна постапка има рок од шест часа, со можност за пролонгирање на рокот поради обемноста на предметот, за да донесе одлука дали ќе ја прифати мерката притвор или ќе определи друга мерка.

Првата одлука за притворот беше донесена во март.

Според истрагата на СЈО, обвинетите во случајот Труст фалсификувале документи со кои добиле тендер од 17 милиони и 200 илјади евра од ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Три фирми на тендерот настапиле како конзорциум, а главен носител била „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG