Трамп се надева дека неговите средби во Израел ќе бидат нова шанса за мировни преговори кои се запрени од 2014 година.
Тој тоа го изјави и за време на говорот во Ријад, Саудиска Арабија каде што ја почна првата негова турнеја во странство како американски претседател.
„Ќе патувам во Ерусалим и Витлеем, а потоа и во Ватикан, во посета на многу од најсветите места на трите Аврамски вери. Ако овие три вери можат да се здружат во соработка, тогаш мирот во овој свет е возможен - вклучувајќи и мир меѓу Израелците и Палестинците“, рече тој.
Од друга страна, од тимот на Трамп деновиве ги намалија очекувањата од посетата, наведувајќи дека на неа би требало повеќе да се гледа како на симболичен гест.
Пред посетата на Трамп, во неделата, Израел одобри извесни економски олеснувања за палестинците што претходно ги побара претседателот Трамп.
Во меѓувреме, Израел изрази загриженост за договорот за продажба на американско оружје на Саудиска Арабија во вредност од 110 милијарди долари.
Овој договор Трамп го обелодени на 20 мај во Ријад каде што одржа говор во кој ги повика лидерите на 55 земји со муслиманско мнозинство, каде што живеат повеќе од милијарда луѓе, да ги истераат екстремистите од нивните средини.
„Америка е подготвена да застане со вас во остварувањето на заедничките интереси и заедничката безбедност. Но, земјите на Блискиот Исток не можат да чекаат на американската моќ за да го уништи овој непријател за нив“, рече тој.
На овој говор на кој Трамп исто така побара од земјите во регионот да го изолираат Иран, бидејќи го финансирал тероризмот, се гледа како на дел од неговите напорите да го редефинира односот со муслиманскиот свет по неговите коментари за време на изборната кампања во врска со исламот.
Трамп веднаш по доаѓањето во Белата куќа со извршни наредби се обиде и да го запре влегувањето во Соединетите Држави на патници од неколку главно муслимански земји.