Достапни линкови

Зошто сега Трамп го отпушти директорот на ФБИ?


Трамп го отпушти директорот на ФБИ Коми
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Трамп го отпушти директорот на ФБИ Коми

Американски претседател Доналд Трамп го отпушти директорот на ФБИ Џејмс Коми, кој ја водеше истрагата во врска со наводната руска вмешаност во претседателската кампања лани и можниот дослух на Москва со изборниот штаб на Трамп. Демократите овој потег го оценија за погрешен.

Како причина за отпуштањето што го шокираше Вашингтон се наведува дека Коми водел погрешна истрага во врска со мејловите на претседателскиот кандидат на Демократската партија, Хилари Клинтон.

Во образложенито се прецизира дека поради тоа и министерот за правда Џеф Сешонс и неговиот заменик Род Росенстајн препорачале Коми да биде отпуштен.

Во писмото до Коми, претседателот Трамп наведува дека тој иако го цени тоа што го информирал во три посебни случаи дека не се води истрага против него во врска со руската вмешаност во изборите, бил известен од Министерставото за правда оти Коми не може ефикасно да го води Бирото.

„Битно е да се најде ново раководство за ФБИ за да се врати довербата кај јавноста во неговата мисија“, се наведува во писмото на Трамп.

Но, иако изгледа дека со овој потег Трамп стапува во сојуз со демократите кои му се лути на Коми за покренувањето истрага за приватните мејлови на Клинтон само неколку денови пред изборите, за што Клинтон изјави дека било клучно за одвраќање на неопределните гласачи против неа, конгресмените од Демократската партија оценија дека отпуштањето на Коми бил погрешен и политички мотивиран потег.

Лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер соопштувајќи дека Трамп го информирал за тоа изјави:

„Првото прашање што треба да го одговори администрацијата е зошто сега“, рече тој.

Според Шумер, дали тоа не покажува дека истрагата за поврзаноста на изборниот штаб на Трамп со Москва не стигнала и блиску до домот на Трамп.

„Ова е дел од длабоко вознемирувачки модел на администрацијата на Трамп. Ја отпуштија Сели Јејтс, го отпуштија Прит Барара и сега директорот Коми, човекот кој ја водеше истрагата. Ова не изгледа како коинциденција“, рече Шумер.

За разлика од демократите, републиканците во Конгресот го поддржаа потегот на Трамп и ветија дека ќе дејствуваат брзо во одобрувањето на нов директор на ФБИ.

56-годишниот Коми кој пред четири години беше наименуван од тогашниот претседател Барак Обама е вториот шеф на ФБИ кој е отпуштен. Тие имаат само по еден мандат кој трае 10 години.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG