Достапни линкови

Промената на власта во фокусот на дневниот печат


Претседателот Ѓорге Иванов му го даде мандатот за состав на нова влада на претседателот на СДСМ Зоран Заев
Претседателот Ѓорге Иванов му го даде мандатот за состав на нова влада на претседателот на СДСМ Зоран Заев

Неделникот Фокус пишува дека по речиси четири илјади дена, владата на ВМРО-ДПМНЕ заминува во опозиција. Република, пак, смета дека тригодишниот терор од страна на СДСМ.

Фокус - По 3.916 дена терор – груевци во опозиција!

Новата бела зграда на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на насловната на Фокус е бојосана во црно, а насловот гласи: „Црната чума заминува“. Авторката на воведната колумна ги пресметала деновите кога на власт беше таа партија, па текстот го насловува: „По 3.916 дена терор – груевци во опозиција!“ Злосторничкото здружение, вели, ја призна капитулацијата, белиот партиски дворец се зави во црно, но му заблагодарува на Груевски што придонесол г.....а да испливаат на површина, многу луѓе-нелуѓе да ги осознаеме во живо, по природа. Фокус го потсетува Заев дека и тој ќе има шанси да нè просветли кога ќе се соочи со клиентите, оние што ќе уценуваат, или функција или опструкции. Нека издржи, му препорачува неделникот, оти ем ги знае од „бомбите“ што мустри се, ем добро е уште троа сдсмовски „г...а“ да нè заплиснат.

Од некои од насловите во неделникот може да се прочита дека „Јово Вангеловски од Врховниот суд и Марко Зврлевски од Јавното обвинителство се последниот бедем на одбраната на досегашниот режим“, кои „единствениот бегалец од правдата го ослободија од притвор“.

Неделникот ги истражува и тендерските шеми во Гостивар, Кичево и Тетово и тврди дека „парите на граѓаните завршуваат во приватни џебови“.

Република - СДС како диво месо 2014 – 2017 година

Додека Фокус пишува за неколкуте илјади денови власт на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ги „терор“, Република како тема на неделата го одбира „Тригодишното црвосување на македонското национално ткиво по украински рецепт“, а како наднаслов на темата пишува: „СДС како диво месо 2014 – 2017 година“. Па потсетува: „Од непризнавањето на парламентарните избори во 2014 година, преку пораз на изборите во 2016 година, до мандат во 2017 година“ и наведува дека тоа се случило со сесрдна поддршка на некои амбасади, соросови пари, шарена променада, криза, загрозување на безбедноста и унитарноста на државата, флертување со тиранските апетити, купени албански гласови и, најлошо од сè – преку ништење на македонскиот народ до, како што смета, уништување на Македонија. За да заклучи дека „по овој редослед, СДС низ годините еволуирала од безидејно во исфрустрирано чудовиште со привидно чувство на моќ“.

Под другите наслови во Република може да се прочита дека гаранцијата од Заев била фарса и дека „Заев ги лаже и Албанците и Македонците“, дека следниот конгрес на СДСМ ќе бил „Конгрес за партиска чистка“ и дека на него Заев, како што пишува во насловот, ќе расчистувал со македонштината во Партијата.

Во овој преглед не го застапуваме пишувањето на он-лајн магазинот Глобус затоа што престана да излегува.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG