Достапни линкови

Трпчески со премиера на „Македонисимо“ на фестивал во Германија


Симон Трпчески, пијанист
Симон Трпчески, пијанист

„Македонисимо“ е насловен најновиот проект на пијанистот Симон Трпчески чија светска премиера е планирано да се одржи на 18 мај на Фестивалот во Лудвигсбург, Германија. Станува збор за зафат реализиран во соработка со композиторот Панде Шахов, а во кој се вклучени сплетови од повеќе македонски ора со неколку народни песни кои, како што вели, самиот ги бирал и кои „би и донеле посебен шарм на целата инструментална димензија“.

По минатогодишното отворање, заедно со Пиетари Инкинен, фински диригент и уметнички директор на манифестацијата , македонскиот пијанист и културен амбасадор Симон Трпчески повторно ќе се искачи на сцената на престижниот Фестивал во Лудвигсбург. Тој, на 18 мај, пред германската публика, ќе ја стори светската премиера на својот најнов проект „Македонисимо“.

„Станува збор за проект со македонска музика се разбира и на кој што му се радувам искрено, како на мало дете. На него работев многу долго време во мојата глава меѓутоа поради ред причини и многубројни обврски од разна природа, за жал досега немав можност да го реализирам, но сега навистина сум многу среќен што токму сега се случува“, вели Трпчески.

Пијанистот појаснува дека проектот „му го посветува на македонскиот народ“ и дополнува дека во него се вклучени сплетови од повеќе традиционални ора со неколку народни песни што самиот ги бирал и конципирал, и кои „би и донеле посебен шарм на целата инструментална димензија“.

„Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на вработените во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ за нивниот професионален придонес, совети, информации и материјали што ми беа од огромна помош, како и на вработените во Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, кои исто така ми помогнаа во подготовката. Овде не смее да се заборави ниту повторната исклучителна соработка со македонскиот композитор Панде Шахов којшто ја пишува музичката обработка на овие прекрасни музички дела и со навистина голем ентузијазам влезе во целиот овој огромен проект од цели 80 минути музика“, истакнува виртуозот.

Говорејќи за изведбата, Трпчески дополнува дека „Македонисимо“ подразбира камерно видување на нашата традиционална музика, односно дека покрај пијаното на концертот ќе прозвучи и квинтет - виолина, виолончело, кларинет, саксофон и кавал и еден цел сет удиралки.

Така на сцената за светската премиера во Лудвигсбург, покрај него ќе бидат Александар Краповски на виолина (член на ансамблот на Операта во Барселона), виолончелистот Александар Сомов од Бугарија (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија, во Франција), штипјанецот Хидан Мамудов, кој живее и работи во Виена и кој за оваа пригода, освен што ќе ги има омилените инструменти - кларинет и саксофон, ќе го претстави и сопственото откривање на тајните на кавалот и конечно Влатко Нушев со сите негови ударни инструменти.

Инаку, Симон Трпчески, во предвечерието на праизведбата на својот нов проект, на 7 и 8 мај, на двата концерта во Вајмар, Германија, ја свиреше гершвиновата „Рапсодија во сино“. Нешто пред тоа, на почетокот на актуелната сезона тој концертираше во Швајцарија, на Флорида во САД, имаше и деби со Кралскиот шкотски симфониски оркестар (во Перт, Единбург и Данди), одржа и рецитал на фестивалот во Баден Баден, Германија, а настапи и со Дрезденската филхармонија во новата сала во Антверпен, Белгија, како и во Келн и на двата концерта во Дрезден. И, тоа не е сè бидејќи македонскиот музички амбасадор во полската метропола Варшава и потем во Катовице настапи како солист на Радио-симфонискиот оркестар на Франкфурт, а во Лвов, Украина, музицираше со виолистот Александер Земцов кој овој пат настапи како диригент. Тука се и настапите во британската престолнина како солист на Лондонскиот симфониски оркестар во „Барбикан центарот“, оној во распродадениот „Ројал Алберт Хол“ и на гала концертот на „Класик еФ-еМ“. Симон по втор пат беше и во Богота, во Колумбија каде музицираше со челистот Даниел Милер Шот и со Оркестарот на Хале од Германија, а неодамна го имаше и вториот перформанс со Шведскиот камерен оркестар, како и првото гостување во Палермо, Италија.

Кон ова само уште и информацијата дека маестро Трпчески на 21 мај ќе биде солист при изведбата на Концертот за клавир и оркестар бр. 3 од Сергеј Прокофјев со кој ќе диригира еден од најдобрите диригенти на светот, Русинот Владимир Ашкенази и со кој ќе биде означено отворањето на новиот дом на Македонската филхармонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG