Бобан Мирковски, во пресрет на својот пијано рецитал во Музеј на град Скопје, во рамките на годинешните Есенски музички свечености, знае да каже дека составил програма којашто може да биде атрактивна и за луѓе коишто се разбираат во класиката и за оние коишто сакаат да уживаат во изведбата и да си подарат несекојдневни музички моменти. Дополнува дека се состои од дела на композитори кои нему му се посебно драги како Лист и Шуман, вклучувајќи го тука и неговиот омилен Арам Хачатуриан, од оние настанати во 20 век, период, кој како што истакнува, му е омилен за свирење и каде што се чувствува најслободно.
„Се фокусирам на тоа малку да ја приспособам онаа класична или сериозна музика како што некои милуваат да ја наречат. Се стремам кон тоа преку себе да ја воведам во модерниот музички свет. Да ја модернизирам малку, се разбира онолку колку што можам, сериозната клавирска музика“, вели Мирковски.
Од таму, како што појаснува, тој неретко посега и по современите композитори и посебно кон македонското музичко творештво. Како пример за тоа го наведува и фактот дека во случајов се решил премиерно да го изведе и „Пајдушко“ на Дамир Имери.
„Сметам дека македонското изворно фолклорно творештво е толку богато што значи дека изведувајќи го можеби би ми помогнало да се промовирам и на мене лично како пијанист и воопшто на македонската музичка уметност. Се стремам кон тоа да излезам од границите на овдешната музичка сцена и се надевам дека во брзо време тоа и ќе ми се оствари“, вели Мирковски.
Говорејќи за отсонувањето на ваквите негови уметнички соништа, младиот Мирковски вели дека, од она скромно животно и творечко искуство што самиот го има, подршката од дома би му била најнеопходна за било каков успех. Свесен е дека ова подразбира и финансиска поткрепа од институциите во земјата, соработка со способни промотери и најважно многу работа и откажување.
„Она што Симон Трпчески го има надвор од земјава се токму тие способни промотери, менаџери...Целата медиумска подршка што ја има од продукциските куќи. Тоа е она што, за жал, во Македонија недостасува, но јас се надевам дека во брзо време тоа ќе се смени и токму да ни помогне нам да просперираме побрзо и поефикасно. Се разбира дека сето тоа си бара и многу жртви, ние го правиме тоа, секојдневно вложуваме во нас и не ја губам надежта дека овде дома ќе се најде некој што ќе се осмели да ни помогне за да го оствариме сето тоа“, вели Мирковски.
Сепак пијанистот појаснува дека напорите и вложувањата би ги свел во границите на нормалноста.
„Кога станува збор за работата и посветеноста јас целиот свој живот го правам ова...од шест годишна возраст...и понатаму продолжувам да го правам и дефинитивно не се плашам од сите предизвици коишто следуваат. Од таму, се разбира дека ќе поднесам и притисок и ризик колку што е потребно“, вели Мирковски.
На прашањето, пак, што преферира повеќе рецитали или изведби со оркестри, Бобан истакнува дека тој некако повеќе милува да свири со оркестри затоа што целата поддршка што може оркестарот да му ја пружи на пијанистот е сепак посебно чувство, иако признава и тоа дека рециталите си имаат своја магија – „сам си на сцена и целото внимание ти е посветено само тебе како уметник“.
Роден 1991 година во Скопје, Бобан Мирковски основното и средното музичко образование го завршил во МБУЦ “Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Даница Стојанова. Дипломирал во 2013 година на Факултет за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Симон Трпчески, а две години подоцна пост-дипломските студии ги завршува на истата високообразовна институција во класата на професор Александар Сердар.
Зад себе има голем број концертни настапи во земјава и во странство од кои посебно за издвојување се неговите перформанси во Чешка и Италија, тука е и оние со неговиот професор Трпчески, концертот во Вашингтон, САД, во 2011 по повод независноста на Република Македонија, и на два пати настапл како солист со Македонската филхармонија.
За своите изведби добитник е на бројни награди ( има две први места и бил лауреат на фестивалот Арс Косова во Приштина, ја освоил и првата награда на меѓународниот натпревар „Даворин Јенко“ во Белград, Србија, освоил и награда за највиртуозен учесник на интернационалниот натпревар „Музиката и земјата“ во Софија, соседна Бугарија...), а моментално работи како професор по пијано во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј“ Скопје и остварува бележити успеси со своите ученици.