Достапни линкови

Гаџовски – Немаме капацитет сами да најдеме решение за кризата


Гаџовски – Немаме капацитет сами да најдеме решение за кризата
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:45 0:00

Гаџовски – Немаме капацитет сами да најдеме решение за кризата

Мислам дека нè очекува еден доста тежок период и без директно вклучување на меѓународните претставници ние нема да можеме да излеземе од ситуацијата во којашто се наоѓаме, вели политикологот Митко Гаџовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Гаџовски, претставниците на меѓународната заедница веќе подолго време испраќаат пораки до претседателот Ѓорге Иванов да го почитува Уставот и декларираното мнозинство. Што мислите, дали Иванов навистина го прекршува Уставот и ако е така, зошто го прави тоа?

Повеќе од очигледно е дека претседателот Иванов го прекрши Уставот со тоа што не им даде мандат на оние коишто имаат обезбедено 61 пратеник во Собранието. Тоа го прави единствено и само од причина да излезе од пресрет на стратегијата којашто ВМРО-ДПМНЕ ја реализира во овој момент, а тоа е да не се дозволи демократски избраните претставници на парламентарните избори да го формираат Собранието, а со тоа и да се формира новата влада на Република Македонија. Сметам дека овој чекор на претседателот Иванов придонесе за продлабочување на кризата во којашто се наоѓа Македонија и исто така сметам дека со тој чекор, тој на некој начин е и соучесник на сето она што се случува во изминатиот период.

Што мислите, дали меѓународната заедница ќе посегне и по други мерки? Се споменуваат и можни санкции против одредени политичари во Македонија.

Искрено да кажам, не го посакувам тоа сценарио. При последната посета на Туск во Скопје беше посочено дека е можно да биде повлечена и препораката за Република Македонија. Во врска со санкциите сметам дека тоа ќе биде последниот чекор којшто би го направила меѓународната заедница пред Македонија да стане тотално изолирана земја, а најголемата штета ќе ја доживеат граѓаните. Тука мислам дека со евентуалните санкции коишто би ги преземала меѓународната заедница, на некој начин ние ќе бидеме оставени сами на себе, без меѓународна помош, како од политички, така и од финансиски аспект и без таа помош од нашите партнери од меѓународната заедница, сметам дека ние многу тешко ќе излеземе од ситуацијата во којашто се наоѓаме.

Имаат ли капацитет македонските политичари, со оглед на ситуацијата, да покажат политичка волја и можност да изнајдат квалитетно решение?

Во изминатиов период бевме сведоци дека доколку бидеме оставени сами на себе, односно македонските политичари ако бидат оставени сами да изнајдат решение за која било ситуација, видовме дека тоа не можеме да го направиме. Пример за тоа беше договорот во Пржино кој произлезе под патрон на меѓународната заедница и којшто на некој начин требаше да значи излез од кризата. Една од клучните точки беше одржување на фер, кредибилни и демократски избори и тоа се случи, резултатите беа признаени од сите политички партии, меѓутоа се соочивме со еден проблем којшто претпоставувам дека ни оние коишто се гаранти на Договорот од Пржино не го очекуваа, а тоа е да на секој можен начин се кочи формирањето на Собранието и изборот на нова влада на Република Македонија. Мислам дека нè очекува еден доста тежок период, без директно вклучување на меѓународните претставници ние нема да можеме да излеземе од ситуацијата во којашто се наоѓаме.

Целото интервју со политикологот Митко Гаџовски може да го погледнете на видео снимката на почекот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG