Откако на крајот од 2016 година централната американска разузнавачка агенција ЦИА, објави класифицирани податоци во својата библиотека, тетовскиот истражувач Дарко Гавровски, ги прегледал и одвоил сите важни информации кои се однесуваат на Тетово. Открил 65 историско релевантни документи кои имале од една страница па се до 700 страници.
„Првиот е од 1945 година, последниот од 1995 година. Агентите на ЦИА се интересираат најмногу за војната инфраструктура и праќаат дописи до Вашингтон со детали на тетовската касарна, имало колку војници, радио станици, колку телефони, каква била формата на гаражите, која тенковска бригада била, кој бил мајор на тетовската касарна, детали описи на тетовската касарна. Се интересираат за стопанството. Највеќе документи има од 50-тите години, тогаш се гради Тетекс“, раскажува тој.
Најголем впечаток му оставиле податоците за тетовскиот аеродром.
„И Тетовци не знаат дека имало аеродром во Тетово. Постарите знаат дека имало аеродром кај Жеровјане, на кај Гостивар, во 60-тите години се споменува како спортски аеродром на аеро клубот во Тетово, но во 40-те и 50-тите години се споменува како најмодерен, внимавајте како најмодерен воен аеродром на Балканот,“ вели Гавровски.
Тој додава дека тогашниот Советскиот сојуз го финансирал отворањето на овој аеродром околу 46 година и е 2 километри долг, 150 метри широк и в документите било наведено дека во секое време имало над 150 авиони.
„Агентите на ЦИА наведуваат дека Советите планирале тој аеродром да го направат главен аеродром на Советскиот сојуз за Балканот. Тие документи за тетовскиот аеродром ги има до 1951 година. Потоа исчезнуваат. Многу документи има од 1946 до 1951, исчезнуваат најверојатно затоа што Информбирото потоа, се повлекуваат Советите, а Југословенската армија најверојатно не им бил приоритет и немале толку финансии да го одржуваат, па паѓа на нивото за спортски аеродром како што е познат после 60-тите години,“ вели Гавровски.
Истражувањето на историското минато на Тетово е хоби на 40 годишниот Дарко Гавровски веќе 20-тина години. Има над 3 илјади страници во испишани во компјутер, а најголемиот дел од информациите се наоѓаат на неговата интернет страница. Во 2009 година ја објави и книгата Тетовски древности.
„Љубовта кон Тетово ми е вродена уште од моите родители. И од страната на мајка ми и од страната на татко ми се од стара тетовска фамилија. Секогаш се раскажувале дома приказни за стари тетовски адети, се зборувало на тетовски говор. Јас почнав да истражувам за минатото на сопствениот град, многу малку имаше податоци напишано. Уште на времето кога немаше интернет. Реков зошто тоа некој не го стави на хартија“, вели Гавровски.
Во иднина, Дарко од собраните податоци сака да објави нови книги тетовскиот говор и адети како и за животот во градот во средниот век и за време на османлискиот период. Љубовта кон родниот град била мотивација да ја компонира песната „Ја го љубим Тетоо“, која важи за неофицијална химна во градот.