Достапни линкови

Сè повеќе невработени магистри


На крајот од 2006 година според статистиката на Агенцијата за вработување, имало 147 магистри кои барале работа, додека 10 години подоцна бројката достигнува 873.

Статистичките податоци покажуваат променливост на интересот за запишување на постдипломски студии во Македонија, но генерално е забележливо дека опаѓа желбата за студирање на државните високообразовни институции.

година на запишувањевкупнодржавни факултетиприватни факултети
2010/20113.7872.891896
2011/20123.5623.037525
2012/20133.2122.386826
2013/20142.3451.743602
2014/20153.5691.8941.645
2015/20163.0341.7871.247

Извор: Државен завод за статистика

Ако во академската 2010-2011 година имало 3.787 запишани постдипломци, во 2015-2016 се запишани 3.034. Пред шест години на приватните универзитети се запишале само 896 студенти, а во 2014 -2015 година 1.675.

Општествените фактори влијаат врз тоа колку луѓе ќе се определат да студираат на постдипломски студии, вели Мишо Докмановиќ од Правниот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.

„Мојата перцепција е дека тоа се движи во бранови. И тие бранови зависат од повеќе фактори. Една година може да имате поголем број студенти, другата година помал. И повеќе фактори влијаат на ова. Да речеме, возраста самата генерација, колку имала ученици, кога биле прво одделение, иселувањето, така што тоа во бранови се движи“, смета Докмановиќ.

Демуш Бајрами од Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово смета дека привлечноста кај приватните установи е повисокиот квалитет.

„Ова пред сè зборуваа за тоа дека ние сме конкурентни, посебно во делот на последипломските студии. Тука сме некаде во таа предност поради едноставна причина што на пример студиските трошоци се приближно исти, но квалитетот на настава, присутноста на меѓународни професори од угледни меѓународни универзитети и другото како сервисирањето потоа предавањата и сето тоа што се случува во наставата, зборува за тоа дека ние сме некако поприфатливи како универзитети меѓу оваа популација која е веќе решена за постдипломски студии“, вели Бајрами.

Професор Докмановиќ оценува дека ќе расте интересот за вториот циклус студии воопшто на државни или приватни факултети.

„Генерално постои поголем интерес за постдипломски студии отколку порано и речиси конкретно на правните студии најголем дел од студентите продолжуваат на магистерски бидејќи тоа им е услов за влез во правната професија. Тие не можат да станат адвокати, судии, обвинители ако не завршат петгодишни студии кои вклучуваат и магистерски студии. Така што тоа зависи од професија до професија“, вели тој.

Од друга страна, сè повеќе се зголемува бројот на невработени со магистерска титула. На крајот од 2006 година според статистиката на Агенцијата за вработување, имало 147 магистри кои барале работа, додека 10 години подоцна бројката достигнува 873. Во 2010 имало 292 невработени лица со завршени постдипломски студии.

XS
SM
MD
LG