Младите и натаму сонуваат да ја напуштат Македонија. Нивните ветени дестинации се Германија, САД, Канада, Малта, Блискиот Исток, Австралија, Нов Зеланд или скандинавските земји, каде во зависност од нивните квалификации очекуваат поквалитетен животен стандард, подобро образование, работни места и повисоки плати кои нема да зависат од корупција или од нивната политичка (не)определеност.
Во 2015 година над 516 илјади македонски граѓани живееле надвор од Република Македонија, што е скоро 20 отсто од вкупното население. Ова се податоци на Меѓународната организација за миграција, а спредбено со регионот процентот единствено е повисок во БиХ и во Албанија, бројки слични на оние во Сирија каде има воен конфликт.
Државата, освен што нема стратегија за запирање на овој тренд, нема ни свои статистички податоци за точната бројка на иселени, па прашањето е како тоа ќе се одрази долгорочно, како ќе се надомести недостигот од квалификувани кадари.
Во делови на Европа во моментов се прават обиди за намалување на миграцијата, но тешко дека тоа ќе ги предомисли студентите со кои разговаравме пред влезот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Скоро сите ни раскажаа дека својата иднина ја гледаат надвор од земјава, исто како нивните другари кои заминале и не размислуваат да се вратат.
Студентот Стефан Тасов сака да работи во Германија, Велика Британија или Франција, каде што ќе заработува многу повеќе од 200 евра плата, бидејќи, како што вели, со тие пари овде може само да преживее.
„А, замислете да сакате да патувате некаде или, пак, да одите седум дена на одмор, а имаш 200 евра плата. Како?“, прашува Стефан.
Неговиот колега Николче Трајковски се согласува дека е нормално младите да сакат подобри плати и подобро место за живеење:
„Тоа се најчестите причини поради кои нашите сограѓани ја напуштаат земјата“, вели Трајковски.
Нивниот врсник Џанев Шенѓулер потврдува дека многу млади размислуваат на таков чекор, но смета дека тоа е најлошото што и се случува на Македонија:
„Штом Македонија не може да ги задржи тука студентите, мислам дека ќе паѓаме се повеќе и повеќе“, вели Шенѓулер.
Дури 53 отсто од младите сакаат да си заминат од земјава, покажала студијата на фондацијата Фридрих Еберт. Опциите за заминување се апликации за работна виза или за дозвола за постојан престој. Некои се одлучуваат за бугарски пасош, а има и такви кои одат на привремена работа на брод, во рестораните и хотелите во Катар или Дубаи или на летна студентска работа.
Зоран Кочовски од агенцијата „Коузон“ посредува за ваков тип вработувања во САД, Германија, Малта и на Блискиот Исток. Тој истакнува дека во последните години е намален интересот за ваквите патувања, а причина за тоа е визната либерализација во Европа.
„Можеби тоа се должи на еден друг факт, бидејќи младите сами заминуваат на т.н. полулегални работни понуди или на полулегални форми на престој во одредени странски држави. Визната либерализација направи да се одлее една група млада популација, за која одговорно тврдам дека полулегално работи во одредени држави каде што можат да влезат без виза или со некаква карактерно–туристичка виза“, вели Кочовски.
Младите немаат друг избор
Адаптирањето во странство оди тешко, но младите немаат избор, бидејќи во Македонија немаат перспектива, вели Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум. Тоа е причината поради која заминуваат, вели таа.
„Половина од активните млади луѓе се невработени. Тоа е двојно повеќе од општата стапка на невработеност на населението. Знаеме дека младите чекаат до четири години за своето прво вработување, знаеме дека платите се ниски, а често и условите некоректни. Една од причините која ги брка младите од Македонија е потрагата по подобра работа и финансиска независност, а друга е потрагата по квалитетно образование“, вели Костуранова.
Светската банка објави до 2013 година од Македонија се иселиле околу 600 илјади луѓе; според статистичката служба на Европската унија - Еуростат, во периодот од 1998 до 2011 година, Македонија ја напуштиле околу 230 илјади граѓани, најголем дел млади. Македонија нема своја статистика за бројката на иселени. Државата последниот попис го спроведе во 2002 година.
„Тоа е еден од клучните проблеми којшто ние како организации што се занимаваат со проблемите на младите и креирањето политики за млади постојано ги потенцираме и ги идентификуваме. Не се води сметка за оваа категорија на граѓани и оттука политиките коишто се носат не се базирани на релевантни податоци на докази“, вели Дамјан Здравев од невладината организација „Реактор“.
Претставниците на младинските организации велат дека Македонија долгорочно ќе се соочи со загуби на човечки потенцијал и сила која треба земјата да ја води напред.
„Мора да се најде начин како да се реши овој проблем, бидејќи заминува високо квалификуваниот кадар. Оттука ова несомнено ќе има негативно влијание на натамошниот развој на општеството и на државата“, вели Здравев.
Костуранова додава дека заминувањето на младите значи загуба на државата од јавните средства кои ги инвестира во нивниот развој.
„Кога луѓето си заминуваат од земјата, нив не ги губиме само како жители, туку го губиме и се она што ние како држава сме го вложиле во нивниот развој. Многу капацитетни и компетентни млади луѓе се реализираат себеси во друга земја, бидејќи тука не можат тоа да го направат“, вели таа.
Младинските организации истакнуваат дека промени не може да се очекуваат без објективен и сериозен пристап кон проблемот. Потребна е стратегија и податоци колку луѓе и од каде заминуваат; потребни се политики за вклучување на младите во општествените процеси.
Велика Британија ја намалува миграцијата
И додека младите од Македонија бараат начини да заминат, Британија сака да ја намалува миграцијата. Странците во земјата се соочуваат со напади на омраза по референдумот за излез од ЕУ.
Гоце Атанасов
Јержи Квапниевски во изминативе 18 години го напушташе својот дом во Полска преку лето за да собира јаболки и хмељ на една фарма во централна Англија. 50-годишниот Полјак е еден од илјадниците странци кои шокирани од последиците од британското гласање за напуштање на ЕУ веќе не мислат да се вратат таму.
Меѓу причините за нивното страхување се падот на вредноста на фунтата и страхувањето за безбедноста. Ова ги алармира фармерите во Британија со што се отвори и прашањето дали во идната година родот ќе остане несобран.
„Навистина е незгодно по 18 години доаѓање тука секоја година, сега да мислам дека е време за можни промени за мене и моите колеги исто така“, вели Квапниевски.
Британската економија годишно заработува околу 108 милијарди фунти од земјоделски производи кои главно ги собираат странските сезонски работници. Претходно добредојдени беа работниците од земјите на Комонвелтот, но во изминативе години преовладуваа оние од Источна Европа. Скоро секоја година, неколку месеци, над 80 илјади сезонски работници доаѓаат од Бугарија, Полска и Романија. За тоа примаат над 7 фунти на час или скоро 8 евра.
Премиерката Тереза Меј изјави дека британското гласање за напуштање на ЕУ беше крик за намалување на имиграцијата, што ја поттикна нејзината влада да разговара за чистење на оние компании кои се премногу зависни од странски работници.
Скоро 15-процентниот пад на фунтата во однос на еврото и извештаите дека странците станаа цел на напади од омраза во земјата го креираа впечатокот дека Британија веќе не е посакувана дестинација како порано, вели Ели Кепер, работодавачка на Квапниевски.
„За жал тоа испрати многу негативна порака до делови во Европа дека тие сега чувствуваат оти не се добредојдени и можеби нема да бидат безбедни кога ќе дојдат тука“, вели таа.
Од агенциите кои вработуваат луѓе од Источна Европа за британските фарми, за новинската агенција Ројтерс изјавија дека во изминативе неколку недели не успеале да најдат работници за 600 места во Британија.
„Многу сме загрижени за идната година“, вели Кепер чија 200-годишна фарма вработува само тројца луѓе на полно работно време, тројца на половина и над 70 сезонски работници кои најчесто живеат во приколки и кои за таа цел имаат земено неплатен одмор дома.
Британските фармери, кои постојано се жалат дека се соочуваат со постојан проблем како да обезбедат работници, побараа од владата да стартува полабава шема за дозвола за влез на работници во Британија кои не се од земјите на Европската унија.
Тие исто така сакаат граѓаните од Унијата кои постојано се вработени во земјоделството во Британија да им биде дозволено и натаму да останат во земјата.
„Ние мора да имаме одговор пред Божиќ. Во спротивно ќе бидеме многу загрижени дали воопшто ќе бидеме во можност да ги собереме јаболката од нашите дрвја догодина. А тоа не е добро, секаква бизнис несигурност не е добра за бизнисот“, вели Кепер.
Во изминативе скоро две децении Квапниевски секогаш беше доброедојден во Британија. За прв пат тој размислува да не биде дел од нему добро познатиот тим, и да ја проба среќата во Германија или Австрија.