Достапни линкови

Нема пари, нема работа, па чарето е во иселувањето


Младинска конференција во Крушево на тема: „Европски вредности за подобра иднина“, октомври 2016.
Младинска конференција во Крушево на тема: „Европски вредности за подобра иднина“, октомври 2016.

Одливот на „мозоци“ и белата чума, масовното иселување на младите од земјите на југоисточна Европа се темите на коишто 58 млади луѓе од 16 држави дебатираа во рамки на годинешната 14-та по ред младинска конференција на тема: „Европски вредности за подобра иднина“, што се одржа во Крушево.

Причините за иселувањето на младите, сметаат младите учесници, лежат во ниските плати, лошите услови за работа, партизацијата на државната администрација, а најмногу во отсуството на системски мерки за решавање на проблемот.

Според младата Ивана Вучкова од Кочани, не може да се очекува од млади дипломирани кадри дека ќе се сложат да работат за минимална плата од 150 евра, зашто тие пари се гаранција дека ќе живеат мизерен живот, и дека не ќe можат да го планираат семејството.

„Во Македонија не е проблем невработеноста, туку и вработеноста сама по себе станува проблем, ниската плата, лошите работни услови, прекувремената работа којашто не е соодветно платена, уште повеќе договорите за вработување кои се даваат на три месеци. Која сигурност овде им се дава на младите?“, вели Вучкова.

Младите во Босна и Херцеговина се иселуваат најчесто со образложение дека нема работа. Но, проблемот, како што вели Милош Ковачевиќ, е комплексен, зашто босанското општество е во политичка апатија, со опозиција која нема капацитет за промени.

„За вработување и сè останато, многу е тешко, прилично е тешко, како што е и состојбата во другите земји во регионот. Од 40 отсто колку што е процентот на невработеноста, 60 отсто се млади. Според тоа, миграцијата „одливот на мозоци“ во Босна, е присутен. Околу 80.000 млади лани ја напуштија државата. Но, мора да има механизми за борба против овој сериозен проблем“, вели Ковачевиќ.

Бугарија, иако е држава членка на европското семејство, сепак, според Васил Стефанов, состојбата на младите е тешка.

„Во Бугарија, состојбата за младите луѓе е тешка во моментов. Има се разбира сектори, како информатичка технологија, ИТ секторот, за кој има интерес и дефицит на кадри, има многу инвестиции во аутсорсинг компании со странски инвестиции, младите се надеваат на работа и како проект менаџери. Но, тешка е состојбата во непроизводствениот сектор, платите во државниот сектор се многу ниски“, вели Стефанов.

Но, ова не е случај во Германија. Таму , според Мари Кирхнер, образовниот систем им нуди и на странските студенти мастер стипендии за дефицитарни кадри, како доктори, професори, инженери... Што значи има и работа и висок стандард за младите.

„Во Германија ние имаме стапка на невработеност на младите од 7 отсто, многу мала, со тенденција уште да се намали. Значи воопшто не е тешко да се најде работа. И тоа, ние сметаме, дека се должи на нашиот образовен систем, задолжителната пракса, структурните услови се навистина добри“, вели Кирхнер.

Според организаторот, Младински сојуз од Крушево, заклучоците од оваа конференција, како и секоја година се доставуваат до цивилниот сектор во земјите на југоисточна Европа, со цел заеднички настап при решавање на младинските проблеми.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG