Судот во Сан Франциско побара адвокати на Министерството за правда и на државите Вашингтон и Минесота да ги презентираат нивните аргументи за тоа дали треба да се задржи или не суспензијата на забраната.
Претходно федерален судија во Сиетел ја суспендира наредбата на Трамп, со што го отвори патот за луѓето од посочените седум земји да влегуваат во САД.
Администрацијата на Трамп треба да приложи дополнителни аргументи во поддршка на наредбата на претседатлот. Каква и да биде одлуката на судот во Сан Франциско таа може да резултира со покренување постапка во Врховниот суд.
Ајлија Шапиро, од Институтот Кејто вели дека претседателот има право да спроведува различни закони на различни начини.
„Доколку овие закони одат над неговите овластувања или тие го менуваат законот што го има донесено Конгресот, тогаш судовите би требало да дејствуваат против нив.“
Трамп инсистира дека неговата наредба е неопходна за заштита на земјата од тероризам, додека опонетите велат дека е неуставно да се забранува влегување во САД врз основа на религија.
Дејвид Генс од одделот за граѓански права во Центарот за уставна одговорност смета дека Трамп ги пречекорил неговите овластувања.
„Кога првпат го создадовме Уставот една од работите што ја рековме беше дека нема да има верски тестови за претседателската функција. Ова оди дури подалеку, покренува верски тестови за влегување. И тоа е над она што го дозволува Уставот“.
Спречување на влегување во Соединетите држави како национална безбедносна мерка беше централна премиса во изборната кампања на Трамп.
Тој остро реагираше на суспендирањето на неговата забрана при што го оспори судскиот систем во земјата.
Во меѓувреме, десетмина поранешни американски секретари реагираа со декларација во која наведуваат дека забраната за влез во Соединетите држави не помага во зголемувањето на безбедноста на земјата.
Меѓу потписниците на декларацијата се и екс државните секретари Џон Кери, Мадлен Олбрајт и Кондолиза Рајс.