Достапни линкови

Политичките лидери на „распит“ кај Иванов


Архивска фотографија - Годишно обраќање на Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.
Архивска фотографија - Годишно обраќање на Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.

Од напладне почнуваат консултациите на партиските претставници со претседателот Ѓорге Иванов за доделување на мандатот за формирање влада. Претседателот на СДСМ очекува ним да им биде дадена шансата, иако засега сите опции се отворени.

Претставниците на партиите денеска одат кај претседателот Ѓорге Иванов на консултации за доделување на мандатот. Средбите почнуваат напладне со доаѓањето на претседателот на Беса, Биљаљ Касами. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, потврди дека и Али Ахмети, лидерот на нивната партија ќе оди кај претседателот. Пред него во Кабинетот, според најавата од таму, треба да пристигне и претставник на Алијансата за Албанците, а доцна попладне се средбите со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас ги соопштив во понеделникот нашите очекувања. Очекувам да ни биде даден мандатот за да се обидеме да составиме влада“, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ, за кои според најавата од Кабинетот, пишува дека ќе дојде партискиот претседател Никола Груевски, претпладнево се уште не беа сигурни кој ќе оди на консултации.

„Не знам, некој сигурно ќе оди, претпоставувам претседателот Никола Груевски”, вели портпаролот Иво Котевски.

Груевски кај кого беше мандатот дваесет дена не успеа да состави мнозинство, па непрецизноста во членот 90 од Уставот остави простор за разни толкувања во јавноста за тоа кој сега треба да го добие мандатот. Во него се наведува дека „претседателот во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата го доверува на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, а тој пак во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата“.

Во меѓувреме сите опции се во игра, па и очекувањата во јавноста. Некои уставни експерти сметаат дека мандатот повторно треба да се даде на ВМРО-ДПМНЕ кои имаат најмногу освоени пратеници-51, а други пак посочуваат дека шансата за составување влада сега треба да му биде дадена на СДСМ кои освоија 49 пратеници.

Третопласираната партија ДУИ со десет пратеници се смета пак за клучна за составувањето влада. Откако не успеаја да се договорат до 29-ти јануари, кога истече уставниот рок, со ВМРО-ДПМНЕ, сега отворени се прашањата дали Ахмети ќе влезе во разговори повторно со партијата на Груевски, но не со него како мандатар или пак ќе влезат во преговори со СДСМ. Сепак за решавање на оваа дилема клучен е претседателот Иванов и неговата одлука кому ќе му го додели мандатот. За тоа прашање тој вчера се консултираше и со првиот човек на Уставниот суд Никола Ивановски.

Другите три парламентарни фактори Алијансата за Албанците, Беса и ДПА заедно имаат десет пратеници, колку што има ДУИ, што е недоволно со нив СДСМ да состави влада, но е доволно за ВМРО-ДПМНЕ. Досега и Алијансата за Албанците и Беса излегоа со став дека нема да влезат во влада во кои има осомничени лица од Специјалното јавно обвинителство. Најмалку познат е стравот на ДПА кои целиот овој процес се повлечени од јавноста а од кабинетот на Иванов денеска информираа дека и тие биле поканети на средба.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG