Достапни линкови

СДСМ чека мандат, се бројат пратеници за коалиција


Архивска фотографија- Обраќање на лидерот на СДСМ Зоран Заев пред владата на изборната ноќ на 11 декември
Архивска фотографија- Обраќање на лидерот на СДСМ Зоран Заев пред владата на изборната ноќ на 11 декември

Од Kабинетот на претседателот Иванов потврдуваат дека тој се консултира со претседателот на Уставниот суд. Јавноста е во очекување на тоа кој сега ќе го добие мандатот, а партиите се молчаливи за можните разговори и коалиции.

Продолжува молкот за формирањето нова влада. Претседателот Ѓорге Иванов се консултира со претседателот на Уставниот суд Никола Ивановски што да прави со мандатот, откако првиот мандатар по изборите Никола Груевски не успеа да обезбеди мнозинство. Се чека неговата одлука на кого ќе му го даде сега мандатот, дали повторно на некој друг од ВМРО-ДПМНЕ, или на СДСМ.

Зоран Заев, претседателот на опозициската партија, пак, вчера изјави дека очекува Иванов нему да му го додели мандатот. Јас сум убеден дека ќе го формираме парламентарното мнозинство и идната влада, нагласи самоуверено Заев.

СДСМ не може само со ДУИ

Со 49 пратеници што ги освои, на СДСМ покрај ДУИ со десетте пратеници, ќе му биде потребна уште некоја партија на Албанците за мнозинство од 61 пратеник. Од ДУИ денеска не одговараа на прашањето дали се сретнале со СДСМ откако не успеаја преговорите со ВМРО-ДПМНЕ. Досега двајцата лидери Заев и Ахмети имаа една средба по која најавија дека се можни нови за што ќе ја информирале јавноста. Викендов во нивното седиште беа и потпретседателите на ДУИ, кои според некои информации биле најгласни против коалиција со ВМРО-ДПМНЕ но разговорот и од таа средба се држи во тајност. И од СДСМ денеска не ги откриваат можните комбинации во очекување на мандатот и се повикуваат на вчерашните изјави на Заев.

Беса спремна за разговор

Другите фактори кои му остануваат на СДСМ за коалиција се Алијанса за Албанците кои имаат три пратеника, Беса со пет пратеника и ДПА со двајца. Од последната средба што ја имавме на почетокот на јануари не сме имале друга со СДСМ, вели Зекирија Ибраими од Беса.

„Очекуваме ако господинот Заев го добие мандатот да се видиме и да поразговараме. За понатамошните работи ќе видиме до каде ќе можеме да стигнеме“, вели Ибраими.

„Немам коментар“ - со таков ист одговор возврати Зијадин Села од Алијанса за Албанците на двете прашања - Дали деновиве имале средба со СДСМ и Дали се подготвени за разговори со нив за формирање влада.

Од ДПА пак се молчеливи целиот овој процес откако нивниот претседател Мендух Тачи си поднесе оставка поради лошите изборни резултати.

Иванов се консултира

Во меѓувреме јавноста е во очекување на потегот на Иванов, особено по различните толкувања на членот 90 во Уставот, во кој се наведува дека претседателот во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата го доверува на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, а тој пак во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Иванов вчера се сретна и со амбасадорот на Европска унија Самуел Жбогар, а од неговиот кабинет најавија дека по добивање официјално известување од страна на Собранието дали мандаторот има поднесено програма и предлог за состав на нова Влада тој ќе почне консултации со надлежните институции и политичките партии.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG