Достапни линкови

Заев го бара мандатот, Груевски очекува избори


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев очекува претседателот да му го додели мандатот за состав на влада откако ВМРО-ДПМНЕ не успеа. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе постапат согласно Уставот. Иванов, пак, најави консултации.

СДСМ очекува претседателот Ѓорѓе Иванов да и го додели мандатот за формирање влада, а сите поинакви опции, како што порача лидерот на партијата Зоран Заев, ќе значат кршење на Уставот и злоупотреба на функцијата. Тој порача и дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски никогаш повеќе нема да биде премиер, при што се докажало дека тој го нема потребното мнозинство, а синоќа ја загубил и можноста да формира влада. Запрашан за тоа дали СДСМ има обезбедено мнозинство во Парламентот, Заев рече дека тоа е дел од чекорите кои следуваат и посочи дека Иванов побрзал да го додели мандатот на партија, која имала освоено најмногу пратенички места, но не обезбедила мнозинство.

„Партијата со најмногу мандати или коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада. Логично е мандатот да биде даден на втората по мандати партија во Парламентот, а тоа е СДСМ. Согласно тоа мандатите и мнозинството, како и платформата за влада се обезбедуваат по пат на преговори и разговори. Ние досега немавме можност тоа да го обезбедиме. Јас сум убеден дека ќе го формираме парламентарното мнозинство и идната влада“, рече Заев.

Доколку Иванов не им го додели мандатот, Заев посочи дека постојат и алтернативни решенија.

Од кабинетот на претседателот соопштија дека кога ќе добијат официјално известување од Собранието дали мандаторот има поднесено програма и предлог за состав на нова Влада, Иванов ќе почне консултации со надлежните институции и политичките партии.

Од ВМРО-ДПМНЕ по истекот на рокот за формирање влада побараа спроведување на нови избори, додека од ДУИ продолжуваат со консултациите. На прашањето дали Груевски ќе го врати мандатот кај претседателот од ВМРО-ДПМНЕ со краток одговор.

„Ќе се почитува Уставот“, соопштија од партијата.

Професорот по Уставно право на универзитетот св. Кирил и Методиј, Саво Климовски вели дека Уставот е полн со фабрички маани, кои сега доспеваат со камати. Тој очекува ВМРО-ДПМНЕ да го врати мандатот кај Иванов, кој според него постапил согласно Уставот.

„Е сега како ќе се постапува понатаму во целава оваа ситуација. Јас лично мислам, искрено да ви кажам, дојдени сме во една таква шаховска игра каде што ситуацијата е реми и нема победник во права смисла на зборот што може да состави влада и во конкретниот случај, јас лично мислам дека можеби најдобро ќе биде да се оди на нови избори“, вели тој.

РСЕ: Мандатот ќе мора ли сега ВМРО-ДПМНЕ да го врати кај претседателот?

„Редот е да се враќа. Денеска претпоставувам, а може и му е вратен на претседателот, а Иванов сега треба да одлучи“, појаснува Климовски.

И неговиот колега од ФОН, Бајрам Положани посочува дека согласно Уставот мандатот сега треба да се врати кај Иванов. За разлика од претходно, како што наведува Положани, Иванов овој пат треба да почека и да го додели мандатот откако ќе биде обезбедено мнозинство и со тоа да ја исправи својата грешка.

„Откако Никола Груевски ќе го врати мандатот претседателот треба да се стрпи и да почека да се заврши постапката за конституирање на Собранието. Коалиционите партнери откако ќе обезбедат мнозинство за избор на претседател на Собранието, тогаш претседателот Иванов да го довери мандатот“, порачува Положани.

По прашањето се огласи и ЕУ, која, како што изјави портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич, очекува Иванов да изврши итна консултација со политичките сили во земјата и да определи лидер за формирање на „што е можно поширока влада“.

XS
SM
MD
LG